Од опозициската партија додаваат дека доколку надлежните институции не постапат во врска со случајот, тоа ќе значи дека „се заштитници на криминалот на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ“
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ бара од Јавното обвинителство да отвори предмет и да покрене истрага во врска со тендерот од 1,2 милиони евра што ѝ бил доделен на фирма на советник од „Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“ за услуги во АД „Пошта“.

Од СДСМ велат дека нивниот антикорупциски тим објавил конкретни наводи и докази од свиркач, вработен во „Пошти“, кои покажуваат системка кражба на пари од граѓаните преку корупциски шеми.
„Постојат основани сомнежи дека над 300 000 евра годишно, пари на граѓаните, се вадат преку корупциски шеми. Како? Според наводите, недостасуваат постојано околу 14 хигиеничари (во АД ‘Пошти’), а други работат со половина работно време и покрај тоа што за сите нив се исплаќа целосен износ, како да се вработени и присутни цел ден. Како се прикрива сето ова? Со потпишување лажни дневници за отсутни хигиеничари, лажни извештаи за наводни генерални чистења кои никогаш не се реализираат“,
наведуваат од Бикаќка.
Затоа од опозициската партија бараат Јавното обвинителство да отвори предмет и итно да покрене истрага, бидејќи, како што посочуваат оттаму, ако институциите не постапуваат „тоа значи дека се заштитници на криминалот на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ“.
„Бомбата“ за сомнителниот тендер СДСМ ја објави во неделата, наведувајќи дека според документите што ги добиле од свиркач на фирмата „БС клининг увоз-извоз ДООЕЛ Скопје“ и бил доделен тендер од 1,2 милиони евра од државното акционерско друштво „Пошта на Северна Македонија“. Фирмата била основана на 10 јули 2024 година, а договорот што го склучила е за чистење и одржување хигиена во објектите на „Пошта“.
Во моментот на аплицирање, како што велат од СДСМ, оваа фирма не ги исполнувала основните услови наведени во тендерската документација.
„Немала минимум три претходни договори за хигиенско одржување, немала најмалку 50 вработени, не остварувала годишен приход од најмалку 100 000 евра во последните три години. Па дури и немале техничка опрема. И покрај овие недостатоци, фирмата сепак била избрана. Како? Со тоа што во групната понуда се појавува подизведувачот „Серта“, компанија со долгогодишно искуство во областа на хигиената. Сомнително? Само дваесетина дена откако фирмата го добива милионскиот тендер од Пошти, на 24 ноември 2025 година, нов сопственик станува Сашо Петровски. Како фирмата да била основана исклучиво за да го добие тендерот. Сопственикот се менува непосредно по изборот на тендерот. Но, извесен Сашо Петровски е советник од ЗНАМ во Општина Кисела Вода. Дали е истото лице што мислите? Фирма поврзана со ЗНАМ“,
изјави Рената Младеновска од Извршниот одбор (ИО) на СДСМ во неделата.
Генералниот секретар на партијата, Александар Саша Димитријевиќ вчера објави нови детали за сомнителниот тендер, според кои иако се водат како редовно вработени, ангажираните хигиеничари во АД „Пошта“ работат со скратено работно време и во недоволен број од она што е потребно.
Според пријавата доставена до антикорупцискиот тим преку платформата „МИЦКО.мк“, постои основано сомнение дека на тој начин месечно се испумпуваат околу 25 000 евра, односно 300 000 евра годишно.
Според тендерот за хигиена, рече Димитријевиќ, во сите 14 поштенски подружници мора да има по двајца хигиеничари, а во главната подружница „Пошта 2“ задолжително 10 лица, но свиркачот што им ги доставил документите тврди дека во повеќето подружници работи само по едно лице со скратено работно време, додека во „Пошта 2“ недостасуваат речиси половина од работниците.

Во пресметката што ја наведе Димитријевиќ, се вели дека месечниот трошок за еден хигиеничар е над 40 000 денари, што значи дека ако недостасуваат 14 хигиеничари, тоа се над 560 000 денари месечно.
Од Движењето ЗНАМ реагираа на обвинувањата наведувајќи дека Движењето немало никакво партиско-политичко влијание во ниту една постапка за јавна набавка.
„Точно е дека господинот Сашо Петровски беше носител на советничката листа за Општина Кисела Вода, но не е носител на каква било партиска функција. Тој е приватен стопанственик кој долги години се занимава со бизнис за одржување на хигиеничарски услуги во приватниот сектор и во минатото има сериозно професионално портфолио во оваа сфера во одржувањето на приватни компании, но и државни институции“,
рекоа од ЗНАМ во реакцијата, додавајќи дека не сакаат на навлегуваат во материјална дискусија за конкретниот случај.
Оттаму ги повикаа надлежните институции доколку утврдат каков било конфликт на интерес, прекршување на постапката или прекршување на законите, да постапат согласно законската норматива.
