Опозициската партија објави и фактура за кетеринг-услуги во вредност од 110 илјади денари од ресторан во Скопје, фактура од 10 500 денари на сметка на ЕСМ од познат ресторан во Скопје, како и четири фактури од ресторан во Брвеница во вредност од 38 000 денари, 21 270 денари, 8 500 денари и 9 200 денари
Опозицискиот СДСМ објави сметки и фактури за направени трошоци во ресторани и угостителски објекти од страна на актуелниот премиер Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од времето кога биле на позициите директор на „Електрани на Северна Македонија“ и директор за финансии во ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ. Сметките што ги објави опозициската партија се од крајот на 2016 и почетокот на 2017 година.

Со народни пари, како велат од СДСМ, Кочоска и Мицкоски на сметка на ЕСМ плаќале гозби по ресторани.
„Првата фискална сметка е од ресторан во Белград, соседна Србија, вредна околу 100 евра, потпишана од Кочоска и Мицкоски. Што се јадело и пиело на сметка на народот – џони вокер – блек, дуњовача, поховани јагнешки шницли, зелка салата, ќебапи, крвав бифтек, чоколадно суфле, крем пита, вино, потпишани од Кочоска и Мицкоски во кафеана во Белград“,
вели организацискиот секретар на СДСМ.
Опозициската партија објави и фактура за кетеринг-услуги во вредност од 110 илјади денари од ресторан во Скопје, фактура од 10 500 денари на сметка на ЕСМ од познат ресторан во Скопје, како и четири фактури од ресторан во Брвеница во вредност од 38 000 денари, 21 270 денари, 8 500 денари и 9 200 денари.
„Истата Кочоска, која заедно со Мицкоски не дава да се покачи минималната плата, им кажува на граѓаните и работниците каков грашок да јадат, дали треба цреши и грозје да си купат. Гозби, ручеци, кетеринзи. Како да не знаеле да сопрат од кафеани и ресторани. Ова е расипничко трошење на парите на граѓаните и аздисано однесување. Лажните домаќини и моралисти ги фрлале парите на народот по кафеани и ресторани. Ако како први луѓе на ЕЛЕМ вака аздисувале, можеме само да претпоставиме што се случува сега“,
вели Костовски од СДСМ.







Оттаму повикаа на разрешување на Гордана Димитриеска-Кочоска од Министерството за финансии, обвинувајќи ја дека нема морал и совест зашто, како што велат, не смее да им кажува на граѓаните дека во буџетот нема пари за минимална плата ниту да им кажува што може, а што не може да јадат.
Министерката за финансии деновиве се најде во фокусот на јавноста по нејзиниот настап во Собранието за време на седницата за пратенички прашања во четвртокот, кога влезе во вербален судир со пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска. Поставувајќи прашања, Петровска се осврна на неодамнешните изјави на министерката за цените на храната, како грашокот од конзерва и количината на млеко што треба да ја консумира едно семејство, Димитриеска-Кочоска место да одговори ја нападна Петровска на лична основа за нејзината семејна состојба