Според Филипче, во тие 19 општини се завршени внатрепартиските постапки и оваа согласност понатаму на крајна одлука ќе биде доставена до Централниот одбор на партијата тогаш кога ќе бидат комплетирани сите општини

Градоначалниците на Центар, Чучер Сандево, Крива Паланка, Росоман и Крушево ја добија согласноста од Извршниот одбор на својата партија Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) да се борат за нов мандат на локалните избори во октомври, соопшти денеска партискиот лидер Венко Филипче.
Освен овие петмина, Извршниот одбор на партијата дал согласност и за уште 14 кандидати (вкупно 19), од кои дел се претседатели на општинските организации на партијата.
Според Филипче, во тие 19 општини се завршени внатрепартиските постапки и оваа согласност понатаму на крајна одлука ќе биде доставена до Централниот одбор на партијата тогаш кога ќе бидат комплетирани сите општини.
„Овие кандидати се избрани врз основа на принципите коишто ги наведовме дека ќе важат за кандидирањето на овие луѓе. Избрани се со прилично широк консензус во општинските организации, луѓе кои што имаат и кредибилитет и легитимитет да ја побараат довербата, некои за првпат, некои повторно од граѓаните“,
рече Филипче на денешната прес-конференција.
Тој вели дека актуелните градоначалници што се предложени веќе имаат направено „вистинска промена во општините Центар, Крушево, Крива Паланка – општини и градови коишто станаа целосно нови во времето на нивните мандати“.
Филипче вели дека станува збор за луѓе кои што можат да излезат пред граѓаните и дека сè што ќе ветат ќе биде исполнето согласно програмската заложба.
Прашан дали во сите општини СДСМ ќе оди со свои кандидати или некаде ќе поддржат кандидати на коалиционите партнери, Филипче рече дека за оваа тема се уште немаат донесено конечна одлука. Тој не ја исклучува можноста во дел од општините да ги поддржат кандидатите на коалиционите партнери.
„Ќе зависи од тоа како ќе завршат разговорите, меѓутоа има општини каде може да поддржимеи други кандидати, не само и ексклузивно од СДСМ“,
рече Филипче.
Во продолжение е листата на 19-те кандидати за градоначалници што ги објави СДСМ.
- Општина Центар – актуелниот градоначалник Горан Герасимовски;
- Општина Аеродром – д-р Александар Трајановски;
- Општина Ѓорче Петров – претседателот на општинската организација, Костадин Ацески;
- Општина Чучер Сандево – актуелниот градоначалник Сашо Комненовиќ;
- Општина Берово – актуелниот претседател на општинската организација Илија Рунтевски;
- Општина Крива Паланка – актуелниот градоначалник Сашо Митовски.
- Општина Лозово – Ацо Велковски.
- Општина Чешиново-Облешево – Горанчо Крстев;
- Општина Богданци – Блаже Шопов;
- Општина Дојран – Ристо Џинев;
- Општина Могила – Зоран Ристевски;
- Општина Неготино – Петар Мантев;
- Општина Новаци – Љубе Кузманоски;
- Општина Росоман – актуелниот градоначалник Стојанче Николов;
- Општина Вевчани – претседателот на општинската организација Стефан Радиноски;
- Општина Крушево – актуелниот градоначалник Томе Христовски;
- Општина Ресен – претседателот на општинската организација Александар Бузлевски;
- Општина Штип – претседателот на општинската организација Павел Иванов;
- Општина Гази Баба – претседателот на општинската организација Влатко Митовски.