Јанковиќ покажа официјален извештај на ОЛАФ од 2023 година, кој наводно укажува на основано сомневање за злоупотреба на над два милиони евра, во периодот на претходната влада на режимот на Груевски, кој почнува од 2016 година

Потпретседателот на Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ), Јовица Јанковиќ, денеска на прес-конференција изнесе, како што рече, нов скандал во Националната агенција за европски образовни програми, обвинувајќи ја Владата дека за в.д. директорка ја назначила Ана Михајлов, која, според нивни информации, е осомничена во истрага на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ).
Според Јанковиќ, назначувањето на Михајлов на 1 август било извршено без транспарентност и без консултација со Европската Унија. Тој нагласи дека сето ова се случува откако претходниот оглас за директор бил поништен, а причините додаде дека останеле мистерија.
„Сега започнуваат локалните избори и најважно завршува истрагата за предметите што ОЛАФ, Европската канцеларија за борба против измами, ги достави до македонското обвинителство“,
рече Јанковиќ.
Според него, токму во овие документи, врз основа на информации од „свиркачи“, осомничена е новата директорка, Ана Михајлов.
Јанковиќ покажа официјален извештај на ОЛАФ од 2023 година, кој наводно укажува на основано сомневање за злоупотреба на над два милиони евра, во периодот на претходната влада на режимот на Груевски, кој почнува од 2016 година.


Во извештајот, како што наведе Јанковиќ, се идентификувани повеќе од 50 физички и правни лица во Македонија и пет земји-членки на ЕУ, кои биле дел од наводна „вмровска шема“. Преку внатрешни кадри во Агенцијата наводно истекувале информации за апликанти и евалуатори, а надворешна фирма управувала со проекти за над 15 училишта, што претставува кршење на грант-договорите.
Јанковиќ ја обвини Владата дека врши силен притисок врз Јавното обвинителство да ја спречи истрагата за случајот. Тој праша дали тоа се прави затоа што води токму до Ана Михајлов и нејзините најблиски фамилијарни и пријателски ангажирани евалуатори од ВМРО-ДПМНЕ?
Јанковиќ на прес-конференцијата праша и дали поништувањето на претходниот конкурс за директор е токму поради овој скандал, по кои критериуми е назначена Ана Михајлов и зошто токму сега и дали вистинската намера на Владата е да ја блокира истрагата на Јавното обвинителство и ОЛАФ.
Од СДСМ велат дека ова е „враќање на вмровската мафија во Агенцијата“ и најави дека ќе продолжи да ја информира јавноста за сите детали со кои располага за овој случај.
Инаку, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, која раководи со програмата „Еразмус+“ изминатиот период беше актуелна откако за директор беше назначен Петар Богојески, лидер на Македонски концепт, а кое предизвика бран од негативни реакции кај дел од јавноста, но и од Европската комисија.
Информацијата дека Богојески доаѓа на раководната позиција на „Еразмус+“, на местото на Марко Ѓоргиевски, беше објавена на почетокот на април, а функцијата ја презеде на 15 мај.
Кратко по објавата на информацијата, од Европската комисија во одговор на новинарско прашање соопштија дека ќе бараат да разговараат со министерката за образование Весна Јаневска за именувањето на Богојески, наведувајќи дека Комисијата не била вклучена во селекцијата и номинацијата на директор на Агенцијата.
Потоа Богојески објави дека повеќе нема да директорува со институцијата.