Од СДСМ бараат одговори од власта за тоа кој ги одредил овие висини на хонорарите, кој профитира од ваквите договори и дали на овој начин се „пумпаат“ пари од граѓаните?

Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска објави детали за, како што велат, нов голем скандал во Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), тежок речиси четири милиони евра. Според партијата, станува збор за договор за техничка помош преку кој се исплаќаат хонорари на надворешни експерти.
Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Петар Огњеновиќ, на денешната прес-конференција изнесе податоци според кои во претпријатието раководено од Коце Трајановски се трошат високи суми за ангажман на експерти, од кои најголемиот дел се странци.
„Точно 3,8 милиони евра пари на граѓаните завршуваат во хонорари кои достигнуваат и до 25 000 евра месечно. Со одлука на Коце Трајановски, јавното претпријатие годишно ќе плаќа околу 950 000 евра за само 13 експерти. Оваа вредност е еднаква на нето-платите и надоместоците за дури 92 вработени во самото претпријатие“,
истакна Огњеновиќ.
Тој додаде дека „тим лидерот“ за четиригодишен период треба да инкасира над половина милион евра, односно 550 000 евра.
Според Огњеновиќ, ВМРО-ОКГ им дели милиони на „експерти“ додека македонски работниците се отпуштаат од работа.
„Додека владата на Мицкоски одбива да ја покачи минималната плата и македонските работници работат за мизерни 400 евра, се трошат речиси четири милиони евра народни пари за хонорари од 25 илјади евра месечно. Над 1 500 работници останаа без работа поради политиките на Мицкоски“,
рече Огњеновиќ.
Од СДСМ бараат одговори од власта за тоа кој ги одредил овие висини на хонорарите, кој профитира од ваквите договори и дали на овој начин се „пумпаат“ пари од граѓаните.
Партијата побара поништување и повлекување на овој, како што го нарекоа, скандалозен тендер. Исто така, упатија барање до надлежните институции за итно испитување на потребата, критериумите и целата постапка, нагласувајќи дека за ова мора да има одговорност.
