„Претседателот на Уставниот суд не го избира Собранието, туку уставните судии. Оттаму ниту правно-формално оваа иницијатива не е издржана. Таа може да се искористи исклучиво за дневнополитички цели од страна на оние кои ја иницираат“, се вели во партиското соопштение
Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) нема да ја поддржи интерпелацијата на претседателот на Уставниот Суд, Дарко Костадиновски, информираат денеска од партијата откако завчера опозициската коалиција „Европски фронт“ предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ) во Собранието поднесе таква иницијатива за интерпелација.

Оттаму велат дека претседателот на Уставниот суд не го избира Собранието, туку уставните судии.
„Оттаму ниту правно-формално оваа иницијатива не е издржана. Покрај ова, сметаме дека таа може да се искористи исклучиво за дневнополитички цели од страна на оние кои ја иницираат“,
пишува во партиското соопштение.
Според СДСМ, Уставниот суд треба да работи согласно Уставот и да ги спроведува сите иницијативи согласно законите.
Опозициската коалиција „Европски фронт“ предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ) завчера (3 јуни) во Собранието поднесе иницијатива за интерпелација на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.
За предлогот вчера на прес-конференција во Собранието информира пратеникот од редовите на ДУИ, Илир Хасани, кој рече дека таа е поднесена врз основа на членот 72 од Уставот на Република Северна Македонија.
Образложувајќи ги причините за интерпелацијата, пратеникот на ДУИ спомена интервју на Костадиновски од август 2024 година, во кое оценува дека Законот за употреба на јазиците предизвикал политички хаос, а наведе и дека претседателот на Уставен имал навредливи изјави за самиот Закон за употреба на јазиците.
Според него, Костадиновски со ваквите наводи сторил два големи прекршоци, едниот кон Законот за употреба на јазиците, кој, како што рече Хасани, бил свесно направен и членот од, како што кажа, законот на Уставниот суд на РСМ.
На 19 јуни требаше да се одржи подготвителна седница по предметот во врска со Законот за употреба на јазиците, но е одложена откако Управниот суд ја поништи одлуката на Собранието за изборот на Елизабета Дуковска за уставна судијка.
Од Уставниот суд се огласија по поднесената интерпелација, посочувајќи дека судот веќе официјално има соопштено став во врска со можноста за интерпелација на уставен судија на 13 март 2025 година.
Во соопштението се наведува дека Уставот не предвидува никаква можност за разрешување на уставен судија ниту од страна на законодавната, ниту од извршната власт.
„Уставот не му дозволува на Собранието на Република Северна Македонија со законски решенија на било кој начин да влијае на надлежностите, начинот на избор, престанокот на функцијата на уставните судии. Овластувањето на Собранието завршува со моментот на избор на уставните судии“,
се наведува во соопштението на Судот.
Дополнително се нотира дека институтот интерпелација во ниеден случај не се однесува и не може да се примени на уставните судии бидејќи во спротивно се губи смислата на Уставниот суд и се прави тешка повреда на Уставот бидејќи на тој начин се прави упад во самостојноста и во независноста на Уставниот суд.