Сепак, опозициската партија апелира дека кога се говори за чувствителни прашања и теми, за кои оценува дека непотребно се отвораат иако се јасно затворени, треба да се биде внимателен во изјавите
Не сметаме дека еврокомесарката Марта Кос имаше лоша намера, велат од опозицискиот СДСМ во врска со вчерашната изјава на еврокомесарката за проширување за идентитетот на земјава. Сепак, апелираат дека кога се говори за чувствителни прашања и теми, за кои СДСМ оценува дека непотребно се отвораат иако се јасно затворени, треба да се биде внимателен во изјавите.

„Очекувавме еврокомесарката Кос да го истакне она што Европската Унија самата го има потврдено во сите документи и сите договори, а тоа е дека македонскиот јазик и идентитет се целосно признати од Унијата. Ова е неспорен факт, ние како граѓани на Македонија знаеме кои сме, што сме и од каде потекнуваме. Како јазикот, така и идентитетот се јасно потврдени во сите веќе потпишани договори со ЕУ“,
велат од СДСМ.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос, која вчера беше во посета на Скопје, говорејќи за македонските евроинтеграции за време на прес-конференцијата со премиерот Христијан Мицкоски, рече дека идентитетот никогаш не може да биде предмет на политичко одлучување. Таа во оваа смисла ги спомена манастирите и македонската кујна, наведувајќи дека тоа никој не може да им го одземе на Македонците.
Изјавата на Кос предизвика лавина реакции во јавноста.
За време на прес-конференцијата, Мицкоски рече дека за него, идентитет не е само македонската кујна, туку и луѓето кои се дел од македонскиот идентитет како Гоце Делчев, Кузман Шапкарев, Даме Груев, Јане Сандански.