Четвртиот сет на антикризнини мерки ќе биде презентиран наскоро и дополнително ќе ја раздвижи економијата, велат од СДСМ во соопштение на јавноста.
Од таму посочуваат дека за да се стимулира приватната потрошувачка и да се зајакне куповната моќ, платежни картички ќе им бидат доделени и на пензионерите со пензии до 15 000, пасивните баратели на работа, како и на самохраните родители.
Пакетот предвидува и стимулативни мерки за враќање на работа на лицата кои беа отпуштени за време на кризата и за поддршката за компаниите со цел зачувување на работните места.
„Владата со првите три сета мерки успеа значително да ги ублажи негативните ефекти врз економијата, преку обезбедување на ликвидност на компаниите и борба за зачувување на секое работно место, а истовремено со платежните картички и ваучерите за туризам ја поттикна домашната потрошувачка и економија. Во новиот мандат, Владата предводена од СДСМ, ќе покаже дека државата е сервис на граѓаните и сите сили ќе ги насочи во градење на нова, развојна македонска економија подготвена да одговори на сите предизвици“,
се вели во партиското соопштение.
