Политички нарачани анкети не можат да го прикријат неработењето на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ и изгубената доверба од граѓаните, велат од СДСМ. На новинарско прашање, Методија Илиевски, советник од СДСМ во Општина Битола, рече дека граѓаните гледаат што се случува и не веруваат во политички нарачани анкети.
„Ниту една нарачана анкета не може да го покрие фактот дека локалните самоуправи предводени од ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски испорачуваат резултати еднакви на нула. Тоа што тие сакаат да го прикријат своето неуспешно работење со нарачани политички анкети, граѓаните не веруваат во тоа и добро знаат дека ништо позитивно не се случило во нивните градови,“
изјави Методија Илиевски, член на Советот на Општина Битола од СДСМ.

Илиевски на прес-конференција го обвини градоначалникот Коњановски дека не ги реализира ветените проекти за битолчани.
„ДПМНЕ и Коњановски ги покачија сметките за данок на имот за 300%. Го поскапија паркингот, ги укинаа слободните 15 минути, а нови паркинг-места нема! Гарантираа инвестиции и нови работни места. Нова инвестиција нема! Срушија трафики и затворија мали бизниси од кои стотици битолски семејства егзистираа! Коњановски гарантираше нови кружни текови, а единствениот што започна да го гради после 2 години го погреши“,
рече Илиевски.
