Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, кажа дека неговата партија во наредниот период ќе посети вкупно 946 населени места во земјава, не затоа што следната година има избори, туку, како што кажа, заради подобра иднина на татковината
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, преку писмено соопштение порачаа оти и покрај сите теренски активности, СДСМ сепак ќе биде поразена поради сите криминали кои ги има направено досега
Облечени во црвени елеци на кои е испишан слоганот „Рамо до рамо до победа“, премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, и неговите сопартијци попладнево пред седиштето на партијата најавија дека почнуваат со теренски активности, со цел да разговараат со граѓаните од сите делови на земјава.

Ковачевски кажа дека неговата партија во наредниот период ќе посети вкупно 946 населени места во земјава, не затоа што следната година има избори, туку, како што кажа, заради подобра иднина на татковината.
„Во секое населено место, во секоја уличка, во секоја куќа, зграда, во секое маало, во секоја урбана заедница таму каде што ни е местото, меѓу народот заедно со граѓаните. Рамо до рамо со народот, со сите граѓани ќе посетиме 946 населени места ширум целата држава да разговараме со нив, да го слушнеме нивниот глас за сè она што најмногу им е важно, да дадеме отчет за сработеното во изминатата година, но и да кажеме што следува во наредниот период“,
рече Ковачевски.
Лидерот на СДСМ за крај на своето обраќање оцени оти опозициските ВРМО-ДПМНЕ и Левица имаат деструктивен наратив, кој, како што кажа, не е добар за општеството и има цел да ја уназади европска Македонија.
Во реакција на најавата на владејачката партија, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, преку писмено соопштение порача оти и покрај сите теренски активности, СДСМ сепак ќе биде поразена поради сите криминали кои ги има направено досега.
„Кога ќе излезат на терен нека отидат и кај фабриката за електрични автомобили која ја нема, затоа што осум месеци откако фрлаа лопати за камен-темелник, нема ниту фабрика ниту темели. Екипите на СДС може да отидат и пред таблата од коридор 8, каде ветија почеток на работни активности, а таму нема ниту една машина. Единствено што има се инвестициите на роднините на функционерите. Ковачевски може да ги испрати екипите од СДС на парцелата каде што фирмата на неговата сопруга ќе гради фотоволтаична централа на државно земјиште кое го добила со потпис на Артан Груби. Од СДС можат да отидат и пред дуќанот на братот на Артан Груби, Ветон Груби, на улица ‘Македонија’, купен за 700 евра за квадратен метар. Или, пак, кај хотелот на Шапка купен за цена на гарсониера“,
се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.