Кузеска рече дека Цветковска-Маневска била личен избор на Панче Тошковски за началник на ОВР Кочани уште во техничката влада, што значи дека таа е на функција повеќе од една година пред трагичниот пожар

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска упати низа прашања до власта, но и обвинувања во врска со трагедијата во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани.
Портпаролката Богданка Кузеска праша зошто досега не е покрената истрага против актуелната началничка на ОВР Кочани, Марија Цветковска-Маневска.
„Ако Христијан Мицкоски мисли дека со игнорирање на жртвите во трагедијата во Кочани и нивните семејства Македонија ќе заборави, мораме да му порачаме дека се лаже“,
рече Кузеска на прес-конференција.
Таа нагласи дека СДСМ нема да дозволи да останат неказнети оние кои дозволија да се случи „најголемата трагедија во поновата историја на Македонија“.
Според СДСМ, институциите не си ја завршиле работата, а институциите на прогонот се заложници на Христијан Мицкоски, кој од првиот ден ја попречува истрагата за пожарот во „Пулс“ за да се спаси самиот.
Кузеска рече дека Цветковска-Маневска била личен избор на Панче Тошковски за началник на ОВР Кочани уште во техничката влада, што значи дека таа е на функција повеќе од една година пред трагичниот пожар.
„Зошто Марија Цветковска-Маневска не одговара за затворената врата во ’Пулс’, постапка која скратила драгоцени секунди за спас на многу животи?!“,
праша Кузеска.
Таа, исто така, го постави прашањето како е можно како началник на ОВР Кочани, Цветковска-Маневска да нема информации дека е издадена и се спроведува наредба спротивна на стандардната оперативна процедура во секторот со кој раководи.
СДСМ се сомнева дека Маневска, како и Драган Казак Петрушев, е заштитена само затоа што е член на ВМРО-ДПМНЕ и има фотографии со поранешни и актуелни функционери на партијата.
Понатаму, Кузеска изнесе тврдења дека одговорниот за реонот во Кочани, во кој се наоѓа „Пулс“, неколку месеци пред пожарот испратил службена белешка до своите надредени, меѓу кои и Марија Цветковска-Маневска, дека дискотеката работи спротивно на законите.
СДСМ прашува зошто Маневска не постапила и не ја затворила дискотеката пред да се случи трагедијата доколку добила таква белешка.
Исто така, беше поставено прашањето дали е точно дека додека горела дискотеката одредени полициски службеници, меѓу кои и началничката Марија Цветковска-Маневска, не биле на висина на задачата.
„Дали Христијан Мицкоски лично ги штити овие луѓе од страв дека доколку станат дел од истрагата и против нив се покрене обвинение, истрагата ќе доведе лично до него и до неговите најблиски соработници? Дали Мицкоски ги штити овие луѓе за да не се распадне неговата параполициска и мафијашка структура во рамки на МВР?“,
праша Кузеска.
На крајот, СДСМ побара од Обвинителството да одговори зошто нема обвинение против овие лица, поставувајќи го прашањето дали се мета на уцени или станува збор за тргување со влијание.
„Ништо нема да ја сопре вистината за трагедијата во Кочани! Кочани ја заслужува вистината, Македонија заслужува правда за сите невини детски животи згаснати поради институционална корупција!“,
додаде Кузеска.
Јавното обвинителство во петокот информираше дека Основното јавно обвинителство Кочани ја завршило истражната постапка во врска со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ со која се опфатени вкупно 46 осомничени за тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.
Во следниот период, како што се наведува во соопштението, течат законските рокови во кои одбраната може да изврши увид во доказите и да предложи свои докази, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.
Доказите што се прибрани во текот на оваа истражна постапка, а се однесуваат на постапувањето на полициските службеници, обвинителскиот тим ќе ги достави на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција каде Специјализираното одделение до овој момент спроведува истрага против 14 полициски службеници. Овој дел од истрагата ќе продолжи и во следниот период со цел целосно испитување на сите факти и околности, додаваат од Обвинителството.
Во пожарот во т.н. дискотеката во Кочани, што се случи рано изутрина на 16 март, животот го загубија 62 лица, а со повреди се здобија околу двесте.