ВМРО-ДПМНЕ реагира дека логото за одбележување на 30 години независност претставува брутално сквернавење на државното знаме. Бараат да се поништи и да се распише нов конкурс со прецизни параметри. СДСМ пак, тврдат дека намерата не била да се вметне знамето, туку на логото има стилизирано сонце
На логото за одбележување на 30 години независност не е ставено државното знаме, туку на него има стилизирано сонце, велат од владејачкиот СДСМ како одговор на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека владиното идејно решение е сквернавење на знамето.
Од владејачката партија посочуваат дека државното знаме е светост и не треба да се сведува на дневни политичко-партиски преписки, ниту да се користи во логоа за прослави.
„ВМРО-ДПМНЕ требало до сега да научи дека на државното знаме има сонце со 8, а не со 12 краци. На логото за годинешниот јубилеј за кој ВМРО-ДПМНЕ денеска глуми наводна загриженост не е ставено знамето, туку на него има стилизирано сонце, со видлива разлика и во типот и во бројот на краци. Логото за јубилејот ’30 години независност’ е составено од повеќе елементи. На традиционалната црвена основа, обединети се симболите со кои се потенцира 30 годишнината од независноста. Сонцето, уставното име, меѓународниот МК код, бројот 30 раскажуваат за нашата државност. ВМРО-ДПМНЕ како антинародна партија е и докажан непочитувач на државното знаме. Доволно е да се види секој нивен протест и заклучокот е евидентен – кај нив не се знае ниту кое знаме го веат, ниту каков став имаат за националните интереси“,
се вели во соопштението на СДСМ.

Владата вчера го објави логото и соопшти дека ќе се применува на сите јавни настани на државните институции во претстојниот период, како дел од визуелизацијата на сеопфатната програма за одбележување 30 години од референдумот на кој се изгласа независноста. Оттаму кажаа дека со идејното решение се обединети сите симболи, со кои се потенцира јубилејот.
„Дизајнот на логото е инспириран од македонската државност, од Денот кога граѓаните одлучија да имаме независна Република Македонија и од сѐ она што денес, нашата Северна Македонија го носи со себе како демократска држава определена за мир, демократија, соработка и развој… Сонцето, уставното име, меѓународниот МК код и бројот 30 раскажуваат за нашата државност“,
кажаа вчера од Владата.

Од опозициската партија реагираа дека логото за одбележување на 30 години независност претставува брутално сквернавење на државното знаме. Оттаму бараат итно и неодложно повлекување на идејното решение, како распишување на нов конкурс со прецизни параметри.