Повикувајќи се на информации добиени од „свиркачи“, организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски, на денешната прес-конференција изјави дека МВР имало поставено полициска контрола на кружниот тек пред Граничниот премин „Блаце“ на денот кога Груби заминал од земјава, а оти контролата била таму најмалку три дена пред настанот, што, според партијата, јасно укажува дека постоеле сомнежи за бегство
Опозицискиот СДСМ денеска обвини дека зад бегството на поранешниот вицепремиер Артан Груби потенцијално стои политички договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, зашто, како што велат оттаму, постојат премногу индикации за направен договор меѓу партиите, како и премногу пропусти од страна на МВР во случајот.
Повикувајќи се на информации добиени од свиркачи, организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски, на денешната прес-конференција изјави дека МВР имало поставено полициска контрола на кружниот тек пред Граничниот премин „Блаце“ на денот кога Груби заминал од земјава, а оти контролата била таму најмалку три дена пред настанот, што, според партијата, јасно укажува дека постоеле сомнежи за бегство.
„Но, според нашите информации, полициската контрола, мобилната единица на МВР, не знаела кого треба да очекува или кого треба да стопира. Тие добиле информација дури откако Груби ја напуштил државата. Ова јасно потврдува две можни сценарија – или биле целосно неспособни да го спречат или, пак, второ и поверојатно, намерно не го спречиле. Дали Тошковски ќе каже искрено која е причината што Груби дента кога требало да се обелодени истрагата слободно ја напушта земјата, а акцијата на МВР за негово спречување е нарушена?“,
изјави Костовски на денешната прес-конференција.
Од СДСМ бараат одговори од МВР и министерот Панче Тошковски како е можно Груби да побегнал на денот на акцијата, кој ќе одговара ако тој не се врати во земјава, но и дали полицијата ќе преземе мерки против оние што му помогнале во бегството и оние што потфрлиле во обидот да го спречат во намерата.
„Премногу пропусти се случиле и премногу индикации има дека зад овој случај има нешто друго, односно политички договор. Дали ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за овој случај се договорени и дали ова можеби не е цената за поддршката што ДУИ им ја даваше на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието? Дали е ова дел од сите очигледно договорени сценарија меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за постојано јавно напаѓање и фиктивна дестабилизација, состојба која политички им одговара на двете партии?“,
додава Костовски.
Од партија повикаа истражните органи да работат професионално и транспарентно, за секој што ќе докаже дека се огрешил да одговара пред законот.