Единствена средба којшто ја одбележа неговата посета на Давос беше со сопственикот на унгарската 4iG, поврзана со режимот на Виктор Орбан. Ова покажува колку Мицкоски му слгува на Орбан во ширењето на неговото политичко и бизнис влијание, велат од СДСМ

Опозициската СДСМ обвинува дека дипломатската изолација на премиерот Христијан Мицкоски се покажала на Светскиот економски форум во Давос, кој се одржа неделава.
„Премиерот немаше ниту една средба со светски или европски лидер. Се снимаше по ходници и тераше туризам на сметка на граѓаните. Единствена средба којшто ја одбележа неговата посета на Давос беше со сопственикот на унгарската 4iG, поврзана со режимот на Виктор Орбан. Ова покажува колку Мицкоски му слгува на Орбан во ширењето на неговото политичко и бизнис влијание. Во оваа насока е и последната одлука на Владата на Мицкоски за влез на компанија 4iG во телекомуникацискиот сектор. Ова не е инвестициски успех туку политички проект за преземање контрола врз стратешки сектори како телекомуникациите и медиумите, создавајќи мрежа на авторитарни влијанија што го изолираат регионот од ЕУ“,
се вели во реакцијата.
Оттаму повторно обвинуваат дека ВМРО има план за преземање контрола врз стратешките сектори и пред сè во медиумите и дека тој план станува сè поочигледен.
„СДСМ повикува заштита на националните интереси од странски влијанија што ја загрозуваат независноста и европската иднина на Северна Македонија. Не смее да се дозволи нашата земја да стане дел од овој круг на корупција и авторитарност“,
велат оттаму.
