Според опозициската партија, изјавата на министерот за внатрешни работи дадена во интервјуто за „360 степени“ е демант на изјавите на Мицкоски и потврда дека премиерот ги злоупотребил институциите и безбедносната состојба за да ја прикрие сопствената неспособност
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) смета дека министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервјуто за „360 степени“, емитувано синоќа на МРТ 1, директно ги демантирал тврдењата на премиерот Христијан Мицкоски дека зад пожарите што во последниот период се случија во околината на Скопје стојат центри на моќ од државата и надвор од неа.

Имено, Тошковски во интервјуто рече дека не може да се докаже поврзаност или организација меѓу пожарите во последниот период, но оти останува сомнежот поради тоа што стихиите се случија за краток временски период.
Според опозициската партија, ваквата изјава на министерот за внатрешни работи е демант на изјавите на Мицкоски и потврда дека премиерот ги злоупотребил институциите и безбедносната состојба за да ја прикрие сопствената неспособност.
„Панче Тошковски во интервју за ‘360 степени’ призна дека нема осомничени дека одреден центар на моќ влијаел да се подметне пожарот во Трубарево и дека нема странски и домашни центри на моќ кои ја палат Македонија. Ова признание на Тошковски e директен демант на изјавите на Мицкоски. Дополнително, признанието на Тошковски е потврда дека Христијан Мицкоски ги злоупотребил институциите и безбедносната состојба со цел да ја покрие сопствената неспособност“,
велат социјалдемократите.
Оттаму дополнително наведуваат дека изјавата на министерот е потврда и дека премиерот Мицкоски без основа ширел страв и паника во јавноста и оти треба да одговара за тоа.
„По ова признание на Тошковски, Христијан Мицкоски треба да одговара за предизвикување страв и ширење паника во јавноста без да се базираат на било какви факти и докази. Ваква злоупотреба на безбедносната состојба само за да си го спасува рејтингот ниеден премиер не се осмелил да прави. Оваа влада и овој премиер се опасност по граѓаните, по нивниот живот, по здравјето, но се опасност и по институциите кои ги множат со нула и по државата во целина“,
се наведува во соопштението од СДСМ.
Говорејќи во интервјуто за наводите изнесени од ВМРО-ДПМНЕ дека зад пожарите стои „злосторничкото здружение ДУИ–СДС“ и на премиерот Христијан Мицкоски за центри на моќ во државата, но и надвор од неа, министерот за внатрешни работи во интервјуто рече дека не може да се докаже поврзаност или организација меѓу настанатите пожари, но и дека не може да открива детали во оваа фаза од истрагата.
„Факт е дека она коешто ни се случува е надвор од еден разумен сомнеж дека нешто може да се случи во рамки на една ‘касус’ ситуација, какви што сме ги гледале многу пати во минатото. И мене лично никој не може да ме убеди дека овие три-четири дена, палењето на пожарите, на депониите во Скопје, пазете сега имавме запалување на ‘Дрисла’, имавме запалување на Вардариште, имавме запалување на депонија во општина Шуто Оризари, имавме запалување на фабрика којашто се занимава со рециклирање на електронски отпад во Трубарево. И тоа сè се случува во четири дена“,
рече Тошковски.

На дополнително прашање, кон кој центар на моќ ви се насочени сомнежите, министерот одговори дека во овој момент не би си дозволил да го изнесува во јавност сè она што е поврзано со детали во рамки на предистражната и истражната постапка што се води во моментов.
Наводите дека палењето на отпадите во Скопско, кои се случуваат изминатиот период, се само дел од сценаријата на центрите на моќ внатре и надвор од државата и кои имаат за цел да внесат немир, страв и паника кај граѓаните и да ѝ нанесат штета на Владата, премиерот Христијан Мицкоски ги повтори и во синоќешното гостување во централниот „Дневник“ на телевизија Сител.

„Ние како влада и институции правиме се што можеме за да ги спречиме и многу сме спречиле, верувајте. Во суштина и не треба да ја оптоваруваме јавноста со такви видови на можни сценарија што имаат за цел да внесат страв и паника и ќе продолжиме тоа да го правиме. (Центрите на моќ н.з.) имаат интерес тоа да го прават бидејќи не сакаат стабилна состојба, сакаат политичари што веднат кичма и се услужливи за сè што на тие центри на моќ им е потребно, но оваа влада има свој карактер, аргументи и јасна политика да работи во интерес на граѓаните“,
рече Мицкоски кој говорејќи во таа насока кажа дека неговите искази ги темели на проверени индиции.
Првично, премиерот со вакви тврдења излезе во неделата, еден ден по пожарот во скопското село Трубарево, каде изгоре објект на фирма за третирање електронски отпад.