Мицкоски нема став за ниту едно стратешко прашање, туку само лелека за избори. Вака од СДСМ ја оценија денешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој кажа дека уставните измени би биле предавство и повика на предвремени парламентарни избори најдоцна до втората половина на мај.
„Ништо не е променето кај Мицкоски. Ја започна годината исто како што ја заврши и како што ја тераше цела мината 2022 година. Мицкоски нема став за ниту едно важно државно или стратешко прашање, само седи на страна, во неизвесност за својата фотелја во Белиот дворец и лелека за избори. Предвремени избори нема да има. Мицкоски во 2024 година го очекува 7. и 8. последователен пораз како претседател на ВМРО-ДПМНЕ“,
се вели во реакцијата на СДСМ.
Од СДСМ демантираат и дека пратеници од владејачкото мнозинство сакаат предвремени избори, откако Мицкоски во изјава утринава, без да наведе конкрентни имиња, посочи дека огромно мнозинство од пратениците на СДСМ и ДУИ рефлектираат позиција дека сакаат да има предвремени избори и да дојде крајот на оваа Влада.
„Јавните лелекања на Мицкоски, ниту пак неговите фабрикувани лаги за ново мнозинство, не можат да ги спречат реоформите ниту напредокот на земјата. Членството во ЕУ со признаен македонски јазик и идентитет е врв на патриотизам и исполнување на стратешка цел поставена од независноста. Предавство е да се лаже својот народ, да се блокира европскиот пат и признавањето на македонскиот јазик и идентитет во големото семејство на европски народи. Мицкоски останува заложник на Апасиев и во сенка на Груевски, го лаже народот дури и на Божик“,
велат од СДСМ.