Според партијата, очигледно е дека „Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се плашат од вистината за Кочани“, поради што се „измислуваат некакви деловнички изговори“
Од партијата најавуваат дека ќе ги искористат сите законски и Деловнички механизми и повторно ќе поднесат нова иницијатива

Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) сметаат дека премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, користејќи го претседателот на Собранието, Африм Гаши, се обидуваат да го минираат формирањето на анкетната комисија за трагедијата во Кочани.
СДСМ нагласува дека формирањето на комисијата е барање на семејствата на загинатите и повредените.
Според партијата, очигледно е дека „Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се плашат од вистината за Кочани“, поради што се „измислуваат некакви деловнички изговори“.
СДСМ тврди дека нивната поднесена иницијатива е целосно согласно Деловникот, кој дозволува бројот на членови и делокругот на работа да се утврдат на самата седница на која се одлучува за формирањето.
„Гаши им купи две недели на Мицкоски и ДПМНЕ, но треба да знае дека нема бегање од вистината и од правдата“,
се вели во реакцијата од СДСМ.
Од партијата најавуваат дека ќе ги искористат сите законски и Деловнички механизми и повторно ќе поднесат нова иницијатива.
„Нема да дозволиме да успее обидот на власта по секоја цена да ја спречи формирањето ниту пак работата на анектната комисија за Кочани“,
се наведува во соопштението.
Партијата потенцира дека јавноста и семејствата мора да ја дознаат целата вистина за Кочани, вклучувајќи го начинот на кој била загрозена безбедноста на присутните, институционалните пропусти и прекршувањата на законските одредби и кој треба да понесе политичка одговорност.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска соопшти дека иницијативата за формирање анкетна комисија во парламентот за трагедијата во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани што минатата недела ја поднесе СДСМ, а на која се придружи и Левица, ќе биде вратена на доработка затоа што има недостатоци. Тој додаде дека штом недостатоците бидат коригирани, иницијативата ќе биде веднаш ставена во процедура.
Како што соопшти Гаши, иницијативата е неуредна затоа што се коси со Деловникот за работа на законодавниот дом.
Според спикерот, излегува од рамките на членот 124 од Деловникот бидејќи двете опозициски партии бараат анкетната комисија за трагедијата во Кочани да биде составена од 15 члена и мнозинството во неа да го имаат опозициските партии.
Од друга страна, партиите од владејачкото мнозинство не чекаа нивните колеги од опозицијата да се изјаснат околу иницијативата, па поднесоа своја.
Пратеничките групи на ВМРО-ДППМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ, кои стојат зад иницијативата, исто така предлагаат формирање анкетна комисија. Но, освен за трагедијата во Кочани, тие бараат на неа да бидат разгледани и претходните случаи, за кои од владејачкото мнозинство сметаат дека не добиле соодветна правна разрешница.
Освен пожарот во „Пулс“, владејачкото мнозинство бара на анкетната комисија да бидат разгледани и случаите со автобуските несреќи на „Дурмо турс“ и „Беса транс“ и пожарот во модуларната болница во Тетово.
