Според СДСМ, крајната цел на ова е укинување на пресудите за Никола Груевски и создавање терен за негово враќање во Македонија

Опозицискиот СДСМ преку соопштение упати критики до премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за директно мешање во работата на правосудните органи и воспоставување целосна контрола врз обвинителството и судството.
Од СДСМ реагираат дека Мицкоски денеска, од собраниската говорница, му делел конкретни задачи на новиот јавен обвинител – кои предмети да ги отвора и кого да гони.
Според партијата, ова е исто како што преку телевизии елиминираше кандидати и сметаат дека претставува погребување на правдата.
„Ако Мицкоски сака борба со корупцијата и криминалот, требаше прво да се уапси себеси. Докази има доволно и за него и за неговата организирана криминална група – ВМРО“,
се вели во партиското соопштение.
Опозицијата тврди дека после Дубаи, Харис Џиновиќ, Башановиќ, нападите на СЈО, во периодот што следува ќе се прават политички прогон и лични хајки. Од СДСМ велат дека ќе дојде времето што го најавувале – нова кампања со Боки 13 и Катица Јанева, за која тврдат дека намерно била пуштена од затвор три години порано.
Според СДСМ, крајната цел на ова е укинување на пресудите за Никола Груевски и создавање терен за негово враќање во Македонија.
„Еднаш го излажавте народот. Мицкоски клечеше и молеше за власт лажејќи дека ќе го врати името. Анкетата што вие си ја правевте ви кажа сè, не поминуваат веќе лаги – народот повеќе не може да го излажете“,
додаваат од СДСМ во соопштението.
Реакцијата на СДСМ доаѓа откако денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на пратенички прашања во Собранието, рече дека очекувањата од новиот државен јавен обвинител Ненад Савески се големи во смисла дека имаат чувство, а донекаде и информации оти голем дел од предметите или претставките кои дел од институциите ги имаат доставено до канцеларијата на државниот јавен обвинител стојат во фиока или се дното на приоритетите.
Во таа насока, Мицкоски рече оти очекува сите овие предмети да бидат извадени и да се стават во обработка, да се види дали таму има основано сомнение за сторен криминал од тие институции, односно од луѓето што ги воделе.
Новиот државен јавен обвинител Ненад Савески во интервју за „360 степени“ рече дека не чувствува ниту товар ниту обврска кон актуелната власт, за тоа што неговиот избор во Собранието беше поддржан единствено од пратеници од владејачкото мнозинство.
