Мицкоски може да понуди само обнова на режимот, затоа што и тој е дел од режимот како советник и генерален секретар на Никола Груевски, реагира владејачкиот СДСМ на денешниот говор на Христијан Мицкоски на собирот „Обновата доаѓа“.
„За какви промени зборува овој загубен човек? Па тој ништо не промени во ВМРО-ДПМНЕ и нема ниту дозвола ниту капацитет за повеќе. Ставовите на Мицкоски во однос на правдата се најголемата денешна лага. Тој е најголемиот кочничар на правата и го брани криминалот на режимот“, пишува во реакцијата на СДСМ откако Мицкоски во обраќањето зборуваше за еднаква правда и одговорност на функционерите во актуелната влада, но и во идната која, според него, ќе ја формира ВМРО-ДПМНЕ.
Според СДСМ, дрско и лицемерно е најбогатата партија во Европа со замрзнат милионски имот да најавува закон за утврдување на потеклото на имотот на политичарите.
„Еве, нека не ги опструираат случаите ‘Талир’ и ‘Талир 2’ и криминалните пари од белиот дворец ќе се вратат кај граѓаните“, му порачаа социјалдемократите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нарекувајќи го политикант затоа што едно зборува дома, а друго надвор, едно кажува во јавните настапи, а друго на средба со странски претставници.
„Западнат во очај и безидејност, денеска Мицкоски ветува мерки што веќе се спроведуваат и даваат резултати. Затоа ВМРО кочничарска ДПМНЕ го кочи покачувањето на пензиите во Собрание, донесувањето на законот за одбрана, ја опструира правдата. Тоа е понудата на Мицкоски, лицемерство, лажен патриотизам и обнова на режимот“, реагира СДСМ.