Оттаму потсетуваат дека ГРЕКО бара итно донесување и примена на нови закони за финансирање политички партии; засилување на контролата на имотот и интересите на функционерите; зајакнување на антикорупциските механизми во собранието, судството и извршната власт
Премиерот Христијан Мицкоски уште еднаш се обидува да ја изврти вистината и да ја лаже јавноста. Неговата изјава дека Владата наводно добила петка за борбата против криминалот и корупцијата е скандалозна и манипулативна. Реалноста е дека ГРЕКО, како дел од Советот на Европа, во последниот извештај јасно констатира дека Владата речиси ништо не спровела од препораките за борба со корупција и дека напредокот е недоволен, соопштија од опозицискиот СДСМ.
„Владата не доби петка, туку уште пет забелешки на адреса на институциите за неисполнетите обврски. Македонија и понатаму се смета за ‘глобално незадоволителна’ според мониторингот на ГРЕКО. Аплаузот за кој зборува Мицкоски е само во неговата глава. Граѓаните гледаат како криминалот цвета, како институциите се партизираат, а корупцијата останува недопрена. Владата на Мицкоски не само што не ја брои корупцијата, туку со вакви лаги и манипулации се обидува да ја прикрие“,
велат од СДСМ.
Оттаму потсетуваат дека ГРЕКО бара итно донесување и примена на нови закони за финансирање политички партии; засилување на контролата на имотот и интересите на функционерите; зајакнување на антикорупциските механизми во собранието, судството и извршната власт.
„Ништо од ова не е завршено. Затоа лагите на Мицкоски за некаква петка се навреда за сите граѓани кои бараат правда и ред. СДСМ бара Владата веднаш да престане со манипулации, да се соочи со фактите и конечно да почне да спроведува вистински реформи, а не само да им аплаудира на сопствените неуспеси“,
децидни се од најголемата опозициска партија.