Опозицијата тврди дека единствената цел на коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и движењето ЗНАМ е поделба на криминални тендери, а народот да трпи

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) смета дека ставот на премиерот Христијан Мицкоски оти е подготвен да чека со децении без уставни измени, практично значи дека со оваа власт Македонија никогаш нема да стане членка на Европската Унија.
Ова, според СДСМ, е најсилно признание за изолацијата во која се наоѓа земјата.
„Ова значи со децении загарантирана сиромаштија, уште поголемо иселување на младите, криминал и корупција без контрола врз грбот на граѓаните“,
се наведува во партиското соопштение испратено како реакција на денешната изјава на премиерот.
Од партијата го обвинија Мицкоски за носење часовници вредни 60 000 евра, што според нив се рамни на 150 минимални плати, за бизнис-мрежа и тендер коалиција која врти милиони, додека истовремено на работниците им им вели дека ќе чека децении.
„Напатениот народ и работниците кои едвај врзуваат крај со крај, со ниски плати и високи цени, ќе бидат принудени да земаат бугарски пасоши за спас“,
велат од СДСМ.
Опозицијата тврди дека единствената цел на коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и движењето ЗНАМ е поделба на криминални тендери, а народот да трпи.
СДСМ потсетува и на предизборните ветувања на власта, обвинувајќи дека Мицкоски ги излажал граѓаните за враќање на името и за обезбедување подобра преговарачка рамка.
„Мицкоски клечеше и молеше за власт, а сега поради него Македонија е на колена. Предадени се националните интереси“,
додаваат од опозициската партија во соопштението.
Реакцијата од СДСМ доаѓа откако денеска Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за европскиот пат на Македонија, рече оти актуелната влада нема да попушти пред барањата за уставни измени доколку не добие јасни гаранции за евроинтегративниот процес. Воедно, тој упати и критика за начинот на кој претходната влада ја водела надворешната политика прифаќајќи го условот за внесување на бугарското малцинство во Уставот на земјава.
Мицкоски потврди дека нема да прифати процеси кои директно удираат врз македонскиот идентитет, а притоа не нудат предвидливост за државата.
Тој предупреди дека доколку Брисел инсистира на промена на Уставот како единствен услов игнорирајќи ги одличните резултати во сите други сфери, тогаш Владата нема да биде добар соговорник во тој процес без да бидат дефинирани другите детали.
Претходно денеска францускиот амбасадор Кристоф ле Риголер, во интервју за Радио Слободна Европа, рече оти актуелниот геополитички момент за проширување на ЕУ мора да се искористи сега и порача дека е потребен фокус на суштинските реформи и обновување на довербата со Бугарија, притоа нагласи дека отворањето на преговорите зависи исклучиво од усвојувањето на амандманите.
Ле Риголер порача дека евроинтегративниот пат на земјава неминовно минува низ усвојувањето на уставните амандмани, а дијалогот меѓу Скопје и Софија, како што кажа, не треба да служи за повторно преговарање на европскиот компромис од 2022 година, туку исклучиво за враќање на изгубената доверба.
