Според партијата, ваквото однесување покажува дека Мицкоски ја поддржува акцијата на стратешкиот партнер, но само формално

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) го обвинува премиерот Христијан Мицкоски за дволичност во ставовите кон стратешките партнери. Соопштението од СДСМ доаѓа како реакција на денешната изјава на премиерот, кој направи паралела меѓу заробувањето на венецуелскиот лидер Николас Мадуро и македонските евроинтеграции.
Од СДСМ реагираат дека премиерот истовремено изјавува поддршка за акциите на САД, но и тврди дека тие се спротивни на меѓународното право. Според партијата, ваквото однесување покажува дека Мицкоски ја поддржува акцијата на стратешкиот партнер, но само формално.
„Во животот, кога еднаш ќе направите исклучок, тој потоа станува пракса и таа пракса е прашање на време, не дали, туку прашање на време е кога ќе се удри од вашиот грб“,
изјави претходно Мицкоски, што за СДСМ е јасен сигнал за неговиот личен страв.
Од СДСМ во соопштението ги поврзуваат македонскиот премиер и српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Денеска неговиот ‘стрико’ од Белград – Вучиќ го нападна претседателот Трамп преку своите медиуми. По седницата на Советот за безбедност, најави дека армијата двојно ќе го зголеми воениот капацитет. И тој се плаши од апсење очигледно“,
се додава во соопштението од СДСМ.
Тие тврдат дека нервозата кај Мицкоски доаѓа од најавениот Закон на САД за Западен Балкан, кој има фокус на борбата против криминалот и корупцијата.
Од партијата сметаат дека Мицкоски свесно го блокира европскиот пат на државата бидејќи не се грижи за меѓународните стандарди.
Од „Бихаќка“ се децидни дека времето на неказнивоста поминува и оти нема бегање.
„Зошто Мицкоски ја поддржува, а не ја поддржува акцијата на САД? Затоа што можеби утре го чека истата судбина како Мадуро?“,
прашуваат од СДСМ заклучувајќи дека „разоткривањето“ на премиерот е целосно.
Премиерот Мицкоски денеска рече дека земјата стои зад потезите и аргументите на нашиот стратешки партнер САД, но додаде дека меѓународното право се кршеше и на грбот на македонските граѓани. Тој одговорот го даде запрашан за коментар околу случувањата во Венецуела – дали заробувањето на претседателот Николас Мадуро е во согласност со меѓународното право и со повелбата на Обединетите нации – откако претходно министерот за надворешни работи и надворешна трговија ја поздрави оваа операција на САД.
