Според партијата, елиминацијата на Ристоска е потврда дека на власта не ѝ одговара професионалец со интегритет

Опозицискиот СДСМ го обвинува премиерот Христијан Мицкоски за директно мешање во изборот на нов државен јавен обвинител и „погребување“ на правната држава. Реакцијата доаѓа откако премиерот синоќа во телевизиско гостување изјави дека обвинителката Ленче Ристоска апсолутно не е во игра за оваа функција.
Од СДСМ тврдат дека промената на јавниот обвинител била политичка цел на Мицкоски за да се воспостави целосна контрола врз судството и обвинителството. Според партијата, елиминацијата на Ристоска е потврда дека на власта не ѝ одговара професионалец со интегритет.
„Мицкоски сам одлучува кој ќе биде назначен. Тој ја елиминира независната кандидатка Ленче Ристоска, иако таа доби максимални 10 од 10 поени од Советот на јавни обвинители и позитивна оценка за својата професионалност и стручност. Мицкоски сам одлучува дека таа ’не е во игра’, во живо, на телевизија“,
се вели во партиското соопштение.
Опозицијата посочува дека елиминацијата на Ристоска веќе се слави од, како што велат, „медиумскиот октопод на Орбан во Македонија“.
СДСМ набројува неколку примери кои, според нив, ја докажуваат партизацијата на судството – назначување сопруга на градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ за член на Судскиот совет, избор на поранешен советник на Мицкоски за уставен судија, а додаваат и дека Владата однапред ги знае судските одлуки за процеси што не се завршени и дека премиерот од собраниската говорница им дели задачи на судиите и обвинителите.
Од партијата велат дека Владата става обвинител под нивна контрола и оти со тоа следува целосно погребување на правдата и правната држава.
Изјавата на премиерот Мицкоски следува откако Советот на јавни обвинители пред два дена на Владата ѝ достави список со позитивно мислење за четворица од петмина пријавени кандидати за функцијата државен јавен обвинител.
Членовите на Советот на јавните обвинители дадоа позитивно мислење за обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ и за судијата Ненад Савески.
На почетокот на месецов Ристоска во телевизиско интервју рече дека очекува да биде избрана за републичка обвинителка и дека затоа и конкурирала. Посочи дека на огласот се пријавила не за да ја нервира власта, туку затоа што смета дека има што да понуди во смисла на квалитет. Одлуката на Ристоска да се пријави на огласот за избор на нов државен јавен обвинител се случи во период на нејзин отворен конфликт со премиерот и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
