Ставот на владејачкиот СДСМ е дека не сака да се меша во внатрепартиските работи на ВМРО-ДПМНЕ, па затоа му оставаат на Мицкоски да избере како ќе се појави на лидерската средба. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во синоќешниот настап за „360 степени“ рече дека инсистира евентуалната лидерска средба да биде во формат „еден на еден“
Социјалдемократите сметаат дека е право на избор на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дали сам или со придружба да се појави на лидерската средба, но истовремено се сомневаат и дека ваквото барање на Христијан Мицкоски можеби се должи на негова недовреба во партиското раководство.
„Мицкоски е поканет на сериозна средба, многу важна за иднината на државата. Тоа не се приватни средби и ние не сакаме да се мешаме во внатрепартиските односи во ВМРО-ДПМНЕ доколку Мицкоски нема доверба во сопственото раководство. Оставаме на Мицкоски да избере дали ќе дојде сам или со некој од раководството на ВМРО-ДПМНЕ“,
изјави Даниела Николова, пратеничка на СДСМ.

Христијан Мицкоски во гостувањето во „360 степени“ рече дека би било добро средбата да биде во таков формат „еден на еден“, а не во формат на тимови, бидејќи претходното искуство му покажува дека во таков широк состав никогаш не се носеле заклучоци.
„Средба во тимови е повеќе ПР-егзибиција, да поминат неколку часа разговори на оваа или на онаа тема, да излеземе пред новинарите, да дадеме изјави и, практично, освен спектакл за јавноста, воопшто ништо нема да значи таа средба. Јас, напротив, сметам дека во овие моменти, кои се суштински за државата, е потребно на следната лидерска средба да излеземе со некаков заклучок“,
рече Мицкоски.