ИК на ВМРО-ДПМНЕ вчера одлучи да побара одложување на изборите за градоначалник во Штип и Пласница поради влошување на ситуацијата со пандемијата на ковид-19
Барањето за одложување на предвремените локални избори во Штип е само затоа што Христијан Мицкоски сака да ја зачува фотелјата во ВМРО-ДПМНЕ и знае дека повторно ќе загуби, изјави портпаролот и пратеник на СДСМ, Костадин Костадинов, на денешната прес-конференција коментирајќи ја одлуката на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе бараат одложување на вонредните локални избори во Штип и Пласница.
„Мицкоски е свесен дека шансите за негова победа на предвремените локални избори, но и какви било други избори се многу мали. Ги уверивме граѓаните дека предвремените парламентарни избори со почитување на сите здравствени протоколи беа безбедни по здравјето, со сигурност такви ќе бидат и предвремените локални избори во Штип и Пласница“,
рече Костадинов.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, денеска ја потврди одлуката на ИК и додаде дека тоа е од поради влошување на ситуацијата со пандемијата на ковид-19.
Тој најави дека ова барање ќе биде доставено и во Собранието преку соодветни процедури.
„Има повеќе од 30 илјади причини зошто би се одложиле изборите. Треба од СДСМ да бидат и повеќе од разумни, да не ги интересира само нивната фотелја и спасот на нивните позиции, на Зоран Заев, на Бочварски и така натаму. Барањето за одложување на локалните изборите во Штип и во Пласница не е само барање на ВМРО-ДПМНЕ. Како што гледаме, има и повеќе разумни партии коишто бараат одложување на изборите“,
изјави денеска Арсовски одговарајќи на новинарско прашање.
СДСМ пред два дена објави дека актуелниот пратеник Сашко Николов, кардиолог од Штип, ќе биде кандидат на партијата за градоначалник на локалните избори кои се закажани за 13 декември.
До вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во повеќе наврати најави дека неговата партија ќе учествува на локалните избори во Штип, под услов, како што рече, ако нема притисоци, закани и уцени.
Истовремено, избори за градоначалник треба да се одржат и во Пласница бидејќи, како и во случајот со Бочварски во Штип така и тука, градоначалникот Исмаил Јахоски беше избран за пратеник.