Според Тренчевска, најавите на Владата немаат никаков ефект во маркетите, каде што цените на основните производи како лебот, брашното, месото и млечните производи постојано растат

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) смета дека мерките на Владата се задоцнети и ја критикува дека носи само делумни решенија без ефект.
Потпретседателката на партијата, Јована Тренчевска, на денешната прес-конференција истакна дека додека власта се служи со апсурдни изговори граѓаните се соочуваат со нов ценовен шок пред велигденските празници.
Според Тренчевска, најавите на Владата немаат никаков ефект во маркетите, каде што цените на основните производи како лебот, брашното, месото и млечните производи постојано растат.
„Холистичкиот пристап на македонскиот далај лама нема ефект. Секогаш кога Мицкоски ќе најави мерки, цената на дизелот се покачува. Граѓаните ја плаќаат неспособноста на Мицкоски“,
изјави Тренчевска.
Од СДСМ прашуваат – ако Македонија навистина е „трета економија во Европа“, како што тврди Мицкоски, зошто тогаш не се покачи минималната плата на 600 евра и зошто нема посебни пакети помош за ранливите категории на граѓани?
Таа дополнително го критикуваше повикот на премиерот до граѓаните од соседните земји да точат гориво кај нас:
„Ако буџетот навистина губи милион евра дневно, зошто ги повикува граѓаните од соседните земји да точат гориво кај нас? Граѓаните на Македонија во моментов го спонзорираат точењето гориво на своите соседи“,
додаде Тренчевска.
Таа потсети на четирите законски решенија што ги нуди СДСМ, кои се на собраниска седница и за кои бараат итна поддршка од сите пратеници. Станува збор за законите за укинување на ДДВ за основните прехранбени производи на 0 отсто, намалување на данокот на додадена вредност на горивата на пет проценти, а не како што е сега намалување на акцизите на горивата за четири денари и преполовување на цените на патарините.
„Ова е комплетно решение кое ќе значи вистинско намалување на трошоците. Законските решенија се на собраниска седница, ги повикуваме пратениците да ги поддржат и конечно да застанат на страната на граѓаните“,
рече потпретседателката на СДСМ.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека Владата подготвува нов пакет мерки кои ќе бидат објавени по велигденските празници. Рече дека новите одлуки ќе се фокусираат на основните прехранбени производи преку комбинација од намалување на ДДВ и ограничување на профитните маржи.
