Партијата тврди дека Мемов демонстрира непознавање на основите на урбанизмот, бидејќи општината „реализира проекти според важечките ДУП каде овој проект е предвиден и ќе се реализира“

Брутална црна кампања – толку очајна, што дури и чистењето на ѓубрето им пречи. Ова е одговорот што Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) го дава по прес-конференцијата на движењето ЗНАМ – за Наша Македонија, обвинувајќи го Никола Мемов за врвно непознавање на процедурите и законите на локалната самоуправа.
СДСМ тврди дека ЗНАМ и Мемов, во отсуство на сопствени идеи, „очајно“ ги напаѓаат акциите на актуелниот градоначалник за чистење на депониите и уредување на јавниот простор, нешто што директно ги подобрува условите за живот на граѓаните.
Во реакцијата, СДСМ го отфрли како „најнова лага“ тврдењето на Мемов дека проектот за уредување на дивата депонија во Крњево не може да се реализира.
„По барање на самите жители општината ја исчисти и таму ќе има игралишта, урбана опрема и зеленило“,
се наведува во соопштението на СДСМ.
Партијата тврди дека Мемов демонстрира непознавање на основите на урбанизмот, бидејќи општината „реализира проекти според важечките ДУП-ови каде овој проект е предвиден и ќе се реализира“.
СДСМ изрази жалење што Мемов, наместо да понуди конкретни решенија, се фатил за „прес-конференции полни со обвинувања и празни зборови“.
„Секој ден на терен работат екипи на општината и го чистат сметот кој дури не е надлежност на самата општина. Секој ден се гледаат резултатите и ова го боли ЗНАМ“,
додаваат од СДСМ.
Од партијата бранејќи го градоначалникот наведуваат дека тој „сработува, она што го ветил, тоа и го реализира“ и оти „најлесно е да се напаѓа од страна“.
Од СДСМ порачаа дека граѓаните на Центар не се наивни и дека гледаат кој стои зад вистинска работа и реални проекти, а кој се обидува да дојде до функција со клевети и манипулации.