Партијата ја повика Државната комисија за спречување на корупцијата веднаш да отвори предмет по сопствена иницијатива и побара од ЕСМ јавно да ги поништи сите, како што рече Кузеска, незаконски вработувања

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска обвини за „масовна и брутална партизација“ на институциите од страна на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ објави интерен список за вработување на 50 лица во РЕК „Осломеј“, тврдејќи дека станува збор за партиски вработувања.
Според партиската портпаролка Богданка Кузеска, до СДСМ пристигнале информации од „свиркачи“ кои го доставиле списокот, на кој наводно има членови на општински комитети, но и роднини на активисти на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа нагласи дека овие вработувања се одвиваат без јавен конкурс, без јасни критериуми и без стручна селекција, а единствен услов за вработување е партиската книшка и фамилијарната поврзаност со власта.
„РЕК ‘Осломеј’, стратешки важна енергетска точка, наместо да биде дел од стабилен енергетски систем, власта го користи како алатка за партиски вработувања на грбот на народот“,
изјави Кузеска.
Таа праша дали на овој начин ВМРО-ДПМНЕ ќе го менува системот и дали за ова барале доверба од граѓаните, додавајќи дека „сите ветувања за мерит-систем, професионализација и правична држава се фрлени во вода“.
СДСМ предупредува дека секоја институција се претвора во „испостава на ВМРО-ДПМНЕ, наместо сервис за граѓаните“, што води до заминување на младите и способни луѓе, неефикасност на јавните институции и уривање на довербата во системот.
Партијата ја повика Државната комисија за спречување на корупцијата веднаш да отвори предмет по сопствена иницијатива и побара од ЕСМ јавно да ги поништи сите, како што рече Кузеска, незаконски вработувања.
СДСМ најави дека ќе продолжи да ја разобличува „оваа партиска колонизација“ и ќе се бори против партизацијата што ја спроведува власта.