Кузеска ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека се обидува да ја прикрие оваа катастрофа зборувајќи за „Македонија како економски тигар“. Таа посочи дека проекциите за економијата покажуваат раст од најмногу 2,8 отсто во услови на инфлација над 3 проценти, што според неа, е негативен раст

Македонија се соочува со најсериозната економска и финансиска криза од своето осамостојување, а владините тврдења за „силна економија“ се само обид да се прикрие реалноста. Ова денеска го изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ, на прес-конференција на која ги изнесе загрижувачките состојби во економијата.
Кузеска истакна дека сите економски и финансиски индикатори укажуваат на тоа дека Владата, особено Министерството за финансии, е во сериозен кризен менаџмент.
Според неа, појавата на различни аналитичари кои зборуваат за „економски раст“ е само потврда дека јавноста се подготвува за сериозна криза.
„Реалноста сепак е дијаметрално спротивна. Фактите говорат дека буџетот е пред целосен крах“,
рече Кузеска.
Таа додаде и дека повратот на ДДВ за фирмите не се враќа велејќи дека сите, од најголемите извозници до малите бизниси, ги трпат последиците.
„Немаат ликвидност, немаат пари за плати, се задолжуваат. Ова е прв јасен индикатор дека во државната каса нема пари“,
рече таа.
Според Кузеска, и земјоделците чекаат за субвенции што одамна требало да ги добијат.
„Најавите за ’рекордна поддршка’ се целосна лага, реалноста е дека нема пари на сметките на земјоделците. Пари за субвенции се должат на сточарите, производителите на раноградинарски производи, а проблеми имаат и оризопроизводителите. Без овие пари не само што нема ’рекордна поддршка’ на земјоделците, туку има рекордно осиромашување и девалвирање на земјоделското производство со што Македонија се повеќе станува увозно зависна дури и за храна“,
додаде Кузеска.
Таа рече и дека за прв пат по 35 години вработените во образование, култура, дури и во дел од јавната администрација не се сигурни дали на први ќе ја добијат нивната плата.
Последен ваков случај таа рече дека е со доцнењето на платата во Министерството за внатрешни работи за што кажа дека не се исклучоци, туку редовни месечни проблеми во различни сектори.
Кузеска додаде и дека Владата, на половина од годината, има под 20 отсто на капиталните инвестиции што, како што рече, е најсериозен индикатор дека економијата не само што нема „историски раст“ туку е во сериозна стагнација.
„Тоа значи дека ништо не се гради, ништо не се движи економски. Ниту проекти, ниту вработувања, ниту локален развој. Единствен сериозен капитален проект во овој момент е Коридорот 8 и 10 започнат во времето на Владата на СДСМ. Една милијарда евра од унгарскиот кредит, што треба да го враќаме сите во наредните две децении, е потрошен на сервисирање на редовни обврски на државата, а не за економски и капитални проекти како што беше најавувано“,
додаде таа.
Кузеска ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека се обидува да ја прикрие оваа катастрофа, зборувајќи за „Македонија како економски тигар“. Таа посочи дека проекциите за економијата покажуваат раст од најмногу 2,8 отсто во услови на инфлација над 3 проценти, што според неа, е „негативен раст“.
„Растот којшто сака власта да го претстави е резултат на инфлаторно зголемена потрошувачка, а не на продуктивност, инвестиции или извоз. Кога цените растат, се зголемува номиналната вредност на БДП, а тоа значи дека граѓаните плаќаат повеќе за иста количина производи и услуги. Ама имаат помалку. Владата мери лажни проценти, а граѓаните мерат сиромаштија во денари, гледајќи како цените растат побрзо од платите, а нивните паричници се празни“,
кажа портпаролката на СДСМ.
Кузеска побара одговорност од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ, прашувајќи дали е точно дека најголем дел од средствата се потрошени за тековни расходи затоа што нема пари во буџетот.
Таа посочи и дека банкарскиот сектор е информиран да биде претпазлив со проектите и да не одобрува брзо, „бидејќи државата не им префрла средства“.
„Ова е економски колапс. Крах кој веќе се случува. Владата нема одговори, затоа што одговорот е еден – буџетот е празен“,
заклучи Кузеска, поставувајќи ги прашањата: „Дали Македонија е пред државен банкрот? Дали нè очекува грчко сценарио?“.