СДСМ ја критикува Владата за одбивањето да ги прифати нивните конкретни предлози за подобрување на стандардот. Како што рече Кузеска, ВМРО-ДПМНЕ одбила да ја покачи минималната плата на 500 евра и да го укине ДДВ за прехранбените производи

Инфлацијата и трошоците за живот продолжуваат неконтролирано да растат, спротивно на ветувањата на власта за економски бум, велат од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) критикувајќи ги економските политики на ВМРО-ДПМНЕ.
На прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, рече дека реалните економски податоци и индикатори ја побиваат тезата на премиерот Христијан Мицкоски.
Годишната инфлација, рече таа, во октомври достигна 4,5 отсто, при што најголем пораст е регистриран кај основните животни намирници.
„Најголемо зголемување од седум отсто е регистрирано кај трошоците за храна и безалкохолни пијалаци – основните производи без кои не може да живее ниту едно семејство“,
истакна Кузеска.
СДСМ предупредува дека цените на мало во октомври се зголемени за 2,8 отсто споредено со истиот месец лани, со најголем раст кај прехранбените производи – храната поскапела за 6,7 проценти, а овошјето и зеленчукот за 4,3 отсто.
Според партијата, овој раст на цените е јасен показател за промашените економски политики на власта, при што сметката ја плаќаат граѓаните.
„Платите и пензиите не го следат растот на трошоците за живот. Ова е клучен показател дека секој ден животот станува сè поскап за македонските граѓани. Тие се принудени постојано да кратат, да пресметуваат, да избираат што нема да купат – затоа што приходите не им стигаат“,
додаде Кузеска.
СДСМ ја критикува Владата за одбивањето да ги прифати нивните конкретни предлози за подобрување на стандардот. Како што рече Кузеска, ВМРО-ДПМНЕ одбила да ја покачи минималната плата на 500 евра и да го укине ДДВ за прехранбените производи.
„Во новиот Буџет за 2026 година не е предвидено зголемување на минималната плата на 500 евра, ниту мерки за намалување на цените. Тоа значи дека цела следна година граѓаните и работниците може да очекуваат уште поскап живот, а Владата нема да преземе ништо“,
кажа Кузеска.
Според СДСМ, власта дека свесно работи на влошување на животниот стандард, тврдејќи дека на ВМРО-ДПМНЕ и одговара граѓаните да живеат сè полошо, со цел да ги обесхрабрат во барањето подобри приходи.
„Со ВМРО-ДПМНЕ на власт расте само стандардот на профитерите. Расте експлоатацијата на работниците и сиромаштијата на граѓаните. Ништо друго добро не се случува во државата“,
додаде Кузеска најавувајќи дека СДСМ ќе продолжи да предлага конкретни политики за подобар живот.
