„Човекот на фотографијата што ја објави Лефков не е приведениот за подметнување пожар и се презива Барабановски. Станува збор за класична политичка монтажа и опасна манипулација, во која Лефков намерно подметнува лажна информација за да создаде вина и да ја дефокусира јавноста од неспособноста и неуспехот на власта да се справи со реалните пожари и кризи“, реагираат од СДСМ
Нема дно до кое ВМРО-ДПМНЕ и Миле Лефков нема да паднат во своите очајнички обиди за дефокус од нивната неспособност да се справат со пожарите. Денес, пред целата јавност, Лефков флагрантно излажа. Наместо факти, тој пласира лажна фотографија од сосема друг човек, со цел да ја поврзе трагедијата од пожарите со Зоран Заев и СДСМ, реагираат од најголемата опозициска партија откако пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, денеска на прес-конференција објави фотографија од човекот за кој вели дека му бил возач на поранешниот премиер Зоран Заев и бил фатен како подметнува пожар во Струмичкиот Регион.
„Човекот на фотографијата што ја објави Лефков не е приведениот за подметнување пожар и се презива Барабановски. Станува збор за класична политичка монтажа и опасна манипулација, во која Лефков намерно подметнува лажна информација за да создаде вина и да ја дефокусира јавноста од неспособноста и неуспехот на власта да се справи со реалните пожари и кризи“,
соопштија од СДСМ.
Оттаму нагласуваат дека во нормална демократија, пратеник кој, како што посочија, јавно изнесува лажни обвинувања врз основа на монтирани фотографии би си поднел оставка.
„Но, не и Лефков. Тој продолжува да ја труе јавноста со лажни вести, дури и по цена на нарушување на истрагите и спинови на сметка на човечки животи. Очекуваме Јавното обвинителство веднаш да отвори предмет за ширење лажни вести и загрозување на правната сигурност, а Лефков да се извини не само на семејството на човекот што го излажал, туку и на целата јавност“,
се наведува во соопштението на СДСМ.
Партијата најави дека ќе поднесе тужба за клевета и нарушување на углед и ги повика медиумите да бидат внимателни и „да не дозволуваат да бидат злоупотребени како алатки за ширење лаги и монтирани конструкции на ВМРО-ДПМНЕ“.