Од СДСМ велат дека постои финансиска и бизнис-мотивација зад дејствувањето на ЗНАМ

Откако движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска реагираше по наводите на СДСМ дека тие и ВМРО-ДПМНЕ креираат меѓусебни судири за да побегнат од темата за мигрантите, со контрареакција се јавија социјалдемократите.
СДСМ во контрареакцијата го обвинуваат лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, за предавство на партијата и на државата поради лични интереси.
Во соопштението, СДСМ даваат објаснување на терминот колаборација велејќи дека тој означува соработка, односно заедничка работа помеѓу поединци или групи за постигнување некаква цел.
„За време на Втората светска војна, овој термин стана симбол за соработниците на владите со окупаторите од нацистичка Германија“,
се вели во соопштението, каде што додаваат дека според типот на соработката – политичка истото се гледа и денеска.
Од СДСМ велат дека постои финансиска и бизнис-мотивација зад дејствувањето на ЗНАМ.
„Колаборантот Максим Димитриевски прво ја предаде СДСМ. Сега, преку ЗНАМ, ја предава и Македонија. За што? За пари, бизниси и моќ“,
стои во соопштението на СДСМ.
Партијата го поврзува движењето ЗНАМ директно со ДПМНЕ, наведувајќи дека тие дејствуваат заеднички за криминални цели.
„ЗНАМ – ДПМНЕ заедно се во криминалот и заедно ја продаваат Македонија. За пари. Затоа и договорот за мигранти е поради пари. Предавство за пари – колаборантите од ЗНАМ ќе одговараат исто како и ДПМНЕ“,
додаваат од СДСМ.
По наводите на СДСМ дека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ креираат меѓусебни судири за да побегнат од темата за мигрантите, со реакција се јавија токму од движењето на Максим Димитриевски. Оттаму рекоа дека во Македонија нема простор за прифаќање мигранти, а движењето ЗНАМ нема намера да одговара на вештачки креирани теми за прифаќање мигранти од Велика Британија, кои за основна цел имаат создавање паника меѓу граѓаните на Македонија.
Велат и оти официјален демант за оваа тема пристигнал од сите релевантни институции во државата и од премиерот.
Претходно денеска од СДСМ рекоа дека две недели откако британските медиуми објавија за скандалот оти ВМРО-ДПМНЕ договара прифаќање на мигранти во Македонија, ЗНАМ нема ниту еден став за оваа тема, како што не се произнеле ниту за резолуцијата, исто како нивните коалициски партнери.
Оттаму наведоа дека иако изостанала реакција за овие важни работи, вчера ЗНАМ реагирале на изјави на пратеникот и заменик-претседател на Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, што според опозициската партија претставува провидно сценарио, измислен судир помеѓу коалициските партнери, само за да ја дефокусираат јавноста и да побегнат од темата со мигрантите, додека во позадина се прават договори за нивно носење во земјава за пари.
