Димитријевиќ побара одговор од власта како петте тони дрога поминале преку македонската граница и кој дозволил таа да се прошверцува

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и денеска побара одговор од власта како пет тони дрога поминале низ Македонија и кој ќе одговара за картелскиот скандал.
Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, денеска на прес-конференција потсети на случајот кога пред неколку дена во Србија беа запленети пет тони марихуана во близина на Крушевац.
„Во соседна Србија е запленета огромна количина од пет тони дрога, која дошла преку Македонија. Меѓу уапсените има и косопственик на македонска фирма“,
рече Димитријевиќ.
Според него, станува збор за огромен, криминален, картелски скандал, за кој мора да има одговорност.
Димитријевиќ побара одговор од власта како петте тони дрога поминале преку македонската граница и кој дозволил таа да се прошверцува.
„Без поддршка и заштита од структури во власта, криминал од вакви размери не може да се случи. Ова не е инцидент – ова е систем“,
рече Димитријевиќ.
Тој побара одговор и како е можно во држава со „Безбеден град“, со камери и скенери на граничните премини да поминат пет тони дрога.
„Или ова е толку добро организирана картелска мрежа поврзана со сѐ и никој ништо не ѝ може?“,
рече генералниот секретар на СДСМ.
Тој додава дека СДСМ со денови алармира за поврзаноста на криминални структури во Македонија и Србија, но оти одговор нема.
„Дали пет тони дрога се доволни за Обвинителството конечно да реагира?“,
рече Димитријевиќ повикувајќи ги институциите на итна истрага.
Српската полиција на 29 јануари соопшти дека во соработка со Јавното обвинителство за организиран криминал запленила пет тони марихуана во реонот на селото Коњух кај Крушевац, во централна Србија.
Според српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, станува збор за досега најголема заплена на дрога во Србија, чија вредност се проценува на седум до десет милиони евра.
Вишиот суд во Белград им одреди притвор на три лица што беа уапсени по заплената на дрогата.
Како што е наведено во соопштението, оваа организирана криминална група дејствувала на меѓународно ниво, а во јануари годинава набавила повеќе од пет тони марихуана на територијата на Северна Македонија.
Особено е индикативно што еден од осомничените со иницијали И. Д. е косопственик на компанијата „Алфафарм“, која е регистрирана во Скопскиот Регион и е наменета за производство и преработка на медицински канабис.
