Таа додаде дека на јавноста ѝ е познато оти кога ВМРО-ДПМНЕ зборува за дестабилизација – некој од нив е фатен на дело!

Еден од најсериозните урбани скандали во последната деценија, над 150 дивоградби во Чаир, а нема никаква институционална реакција, обвинија денеска од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на Град Скопје праша кој е интересот на Мицкоски што штити криминал од 150 дивоградби во Чаир?
Според неа, наместо овој скандал да биде предмет на итна истрага, санкции и одговорност – власта ја штити урбаната мафија.
„Се издавале фалсификат решенија, се правеле згради каде што требало да има улици, со еден збор тотален хаос. И наместо акција на институциите, Мицкоски зборува за ’дестабилизација’, истиот рефрен кој го слушавме од Груевски кога се обидуваше да прикрие криминал“,
рече Јанчева на прес-конференција.
Таа додаде дека на јавноста и е познато оти кога ВМРО-ДПМНЕ зборува за дестабилизација – некој од нив е фатен на дело.
„Кој интерес стои зад заштитата на овие 150 дивоградби? Зошто Мицкоски не бара одговорност од своите коалициски партнери во ВЛЕН? Зошто Панче Тошковски не отвора истрага? Кој го контролира урбаниот криминал во Чаир – и што добива ВМРО-ДПМНЕ за возврат?“,
се дел од прашањата што ги упати Јанчева.
Јанчева вели дека овој скандал е тест за владеење на правото, а власта, како што рече таа, падна на тој тест.
„Наместо санкции – штитат криминал. Наместо постапки – закани и сценарија за страв“,
додаде Јанчева.
Јанчева рече и дека како советничка група ќе бараат вонредна седница на Советот на Град Скопје.
Според неа, Советот има обврска за вака важно прашање да дискутира и да се види дали и во други општини под власт на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ има вакви криминали со дивоградби.
„Ова не е политичка битка – ова е борба за поредок, за правда и за скопјани“,
рече таа.
Јанчева најави и дека СДСМ ќе продолжи да ја разоткрива оваа криминална спрега и ќе инсистира на правна разврска. Урбаната мафија, рече таа, мора да падне, а граѓаните да добијат држава во која владее законот, а не интересот на партиите на власт.