Целта на опозициската партија на овие локални избори е да понудат решенија кои ќе го подобрат работењето на општините, за да бидат поефикасни и пофункционални, рече потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова
Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ нудат и ветуваат проекти кои се исти како и порано, а не реализираа ништо значајно и затоа многу општини бележат сериозен пад на квалитетот на комуналните услуги, додека, пак, сметките за нив продолжуваат да растат, вели потпретседателката на СДСМ, Кристина Косова, во гостување на „Вести плус“ на телевизија Канал 5.

Таа вели дека ќе понудат програма која има визија за општини кои ќе станат климатски поотпорни, позелени и енергетски ефикасни и оти нивната цел за претстојните локални избори е да понудат решенија што ќе го подобрат работењето на општините.
„За успешен исход на локалните избори, ќе биде важно да се издвојат добрите понуди, да се изберат нови раководства и граѓаните да го казнат расипништвото на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски“,
рече Костова.
Таа потсети на скандалите поврзани со градоначалници кои доаѓаат од владејачкото мнозинство, како изградбите на дивоградби, кражба на нафта од училишта, заобиколување на закони, како и доспеани, но неплатени обврски на ниво од 700 милиони евра, кои се очекува во 2025 година да достигнат околу 900 милиони евра.
Според неа, анкетите покажуваат шестцифрен пад на поддршката за ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, како и за нивните коалициски партнери.
„Најголемо разочарување кај граѓаните е недостатокот на волја за справување со економските и финансиските проблеми,“
рече Костова.
Таа повика на денот на изборите граѓаните да постапат рационално и да покажат отпор кон, како што рече, девијантните и скандалозни тенденции на ДПМНЕ и Мицкоски. Костова истакна дека ВМРО-ДПМНЕ се свесни за губењето на поддршката, поради што користат предизборен инженеринг и дрскост.
„Граѓаните мора рационално да одговорат и да ги искористат своите гласови за силен отпор кон штетните политики на ДПМНЕ и Мицкоски. Овие локални избори ќе потврдат пад на ДПМНЕ и раст на СДСМ и опозициското движење,“
изјави таа.
Прашана за изборите во Струмица, Костова рече дека социјалдемократската идеја е препознатлива и очекува добар резултат. По изборите, како што појасни, ќе се одржи отчетен конгрес на кој делегатите ќе ги разгледуваат постигнатите резултати.