ВМРО-ДПМНЕ го обвинува владејачкиот СДСМ за уништување на сите сегменти од македонската енергетика. Оттаму велат дека власта на чело со СДСМ вонредно ја зголемила цената на струјата за 9,5%, како и дека дневната евтина тарифа за домаќинствата. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека компаниите кои набавуваат струја на слободниот пазар каде таа е 5 до 6 пати поскапа, се оставени сами на себе.
„Го поскапеа парното за 14 проценти, а во најголем дел од Скопје или воопшто не греат или пак не се постигнува доволно загревање. Компаниите кои го користат природниот гас како енергенс, поради енормниот пораст на цената на гасот, имаат огромни финансиски проблеми. Поскапе и метанот за 120%, што доведува до тешкотии во работењето на ЈСП“,
кажа на денешната прес-конференција Стевче Антовски, член на Комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека АД ЕЛЕМ не е во состојба да ги исполни своите законски обврски кон ЕВН ХОМЕ за што ќе се потрошат повеќе од 200 милиони евра пари од Буџетот за увоз на електрична енергија.
„СДСМ мора да престанат да ја лажат македонската јавност дека имаме доволно сопствено производство на електрична енергија. Зошто ако е така, Владата носи одлуки за префрлање на пари од Буџетот на сметката на ЕЛЕМ за увоз на електрична енергија? Наместо увоз на скапа струја, требаше да се погрижат за нашите рудници и да отворат нови со кои ќе имаме сопствен јаглен, требаше да отвораат нови инвестиции и нови работни места, за да имавме сега струја со ниска цена од сопствен јаглен“,
рече Антовски.
