Односите помеѓу двете земји, процесот на европска интеграција и состојбата во целиот регионот. Ова биле темите за кои се разговарало на средбата на партиската делегација на СДСМ – заменик претседателката, Сања Лукаревска, генералниот секретар, Миле Зечевиќ и секретарот за меѓународна соработка, Бојан Маричиќ, со министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Теодора Генчовска, која е во официјална посета на земјава.

„Претставниците на СДСМ на средбата јасно ја истакнаа потребата од што поскоро започнување на преговорите со Европската Унија. Република Северна Македонија ги има исполнето сите критериуми согласно реформските процеси, факт потврден и со одлуката на Европскиот совет“,
соопштија од СДСМ.

Од владејачката партија велат дека градење добрососедски односи е во интерес на двете земји, но и на целиот регион и додаваат дека заложбите за добрососедство и пријателство мора да бидат взаемни и отворени.
„Новиот геополитички момент што се случува во Европа по војната во Украина, проширувањето на ЕУ и приближувањето на процесите не е само политичко и економско, туку и важно безбедносно прашање за целиот регион. Потребна е напорна работа на двете страни за изнаоѓање фер решение за сите отворени прашања меѓу Република Северна Македонија и Бугарија, врз основа на европски принципи и почитување на достоинството на двата народи“,
велат од партијата.

Од СДСМ додаваат дека заштита на македонските национални интереси и градење европска иднина за граѓаните е нивниот приоритет.
