Премиерот Зоран Заев сè уште не се огласил дали ќе ги прифати оставките
Како партија изразуваме почит кон одлуката на министерот Венко Филипче за понудената оставка и ги почитуваме одлуките и на заменикот-министерот за здравство и на директорите на болницата во Тетово, велат од владејачкиот СДСМ откако споменатите функционери поднесоа оставки по пожарот во модуларната ковид-болница во Тетово каде загинаа 14 лица.
„Одлуката на министерот за здравство Филипче, поттикната од чувството на морална одговорност, ја отсликува неговата посветена, чесна работа како одговорен министер, со строго почитување на етичките правила и морал. Министерот Филипче е пример за одговорен политичар кој избра да им служи на граѓаните и да се бори за нивното здравје и нивните животи“,
велат од СДСМ.
Во партиското соопштение се осврнуваат и на истрагата, истакнувајќи дека таа се спроведува со меѓународни експерти и дека ќе ги даде одговорите на сите прашања поврзани со трагичниот пожар.
Филипче, кој е и потпретседател на СДСМ, во обраќање до јавноста рече дека трагичниот настан го погодил и оти како доктор и министер има интегритет и затоа понудил пишана оставка до премиерот Зоран Заев.
„Последната трагедија во Тетово многу ме погоди. Многу жалам за загинатите, сочувствувам со нивните семејства, нема зборови што тоа може да го опишат ниту начин за да се надомести загубата. Како лекар и министер имам интегритет. Затоа денеска од морални причини понудив пишана оставка до премиерот Зоран Заев“,
рече Филипче.
Заменик-министерот за здравство, Илир Хасани, и медицинскиот и економскиот директор на Клиничката болница во Тетово, Флорин Бесими и Артан Етеми, своите одлуки да поднесат оставки, пак, ги соопштија ја социјалните мрежи.
- Заменик-министерот за здравство, Илир Хасани, поднесе оставка
- Директорот на Клиничката болница во Тетово поднесе оставка
- И економскиот директор на тетовската болница си поднесе оставка
За оставките реагираа и опозициските партии. ВМРО-ДПМНЕ смета дека оставката на Филипче не е доволна, туку е потребно истото да го направи и премиерот Зоран Заев. Алијанса за Албанците, пак, наведе дека оставките се задоцнети и се обид да се избегне одговорност.
Премиерот Зоран Заев сè уште не се огласил дали ќе ги прифати оставките.