Опозициската партија бара оставка од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, како и итно објавување на сите документи и извештаи поврзани со ИПАРД-програмата, бројот на корисници на програмата и извештај за ризикот кој е настанат како резултат на корупцијата во Платежната агенција
Исплатите на ИПАРД не може ниту законски ниту процедурално да ги стопира ни претседател на влада, ни министер, ни партија – реагираат од опозицискиот СДСМ, нарекувајќи ја смешна изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека на негово барање Министерството за финансии ја стопира исплатата на средствата од ИПАРД.

„Тоа го прави Националниот овластен службеник за авторизација (НОА), институција што делува во рамки на Министерството за финансии, но работи независно, според европски пропишани правила и стандарди. Тоа значи дека НОА не постапува по налог на Владата или на Мицкоски, туку исклучиво по сигнал од Европската комисија или по внатрешна проценка за ризик на системот за контрола на исплатите“,
велат од Социјалдемократскиот сојуз, додавајќи дека премиерот не може да го претстави стопирањето на ИПАРД како сопствена одлука, велејќи дека тоа е санкција од европскиот систем на контрола.
СДСМ бара оставка од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, како и итно објавување на сите документи и извештаи поврзани со ИПАРД-програмата, бројот на корисници на програмата и извештај за ризикот кој е настанат како резултат на корупцијата во Платежната агенција.
„ИПАРД-средствата кои се сега суспендирани се доделуваат како 50 отсто грант за земјоделците, а 50 отсто тие сами обезбедуваат за секој проект. Сите оние кои досега започнале со инвестицијата веќе вложиле свои средства или средства од кредити за половина инвестиција, а сега остантаите 50 проценти заради корупцијата на власта нема да им бидат исплатени и не се знае кога и дали воопшто ќе бидат исплатени. Власта итно да одговори колку корисници имаат потпишано договори и имаат вложено свои средства? Што ќе преземе владата за да ги заштити овие луѓе бидејќи е јасно дека заради корупцијата на луѓето на Трипуновски и Мицкокси тие се оштетени?“,
велат од СДСМ, додавајќи дека суспензијата може да трае две до три години или воопшто да не продолжи.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно денеска изјави дека на негово барање Министерството за финансии ја донело одлуката за стопирање на исплатата на средствата од ИПА/ИПАРД-инструментот на Европската Унија. Причината, како што рече, е да се истражат сите злоупотреби кои се случувале не само сега туку и претходно.
