Додека СДСМ обвинува дека ЕСМ работи со загуби и произведува помалку струја од планираната за да се увезува скапа струја однадвор, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека загубите со кои акционерското друштво е соочено се наследени од претходната власт
Опозицискиот СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ утринава си разменија обвинувања за состојбата во АД „Електрани на Северна Македонија“ откако претседателот на Управниот одбор и генерален директор, Лазо Узунчев, синоќа во интервју за „360 степени“ рече дека ЕСМ ја завршиле 2025 година со загуба од 108 милиони евра, како и дека минатата година не произвеле електрична енергија согласно планираното.
СДСМ обвини дека ЕСМ работи со загуби и произведува помалку струја од планираната за да се увезува скапа струја однадвор преку неговата мрежа на фирми во енергетиката.

„Бизнис-операција осмислена да се вклопи во бизнис-мрежата на Мицкоски во која клучна улога има Сања Божиновска и ‘Руднап’ на Војин Лазаревиќ. Почнувајќи од Душан Адамовиќ, функционер на СНС и почесен конзул, преку офшор структурите на Кипар, па сѐ до поврзаноста со ‘Руднап’. Сите делчиња од својата мрежа Мицкоски ги има наместено, од производство и увоз на струја, до продажба. Се случува огромен грабеж на народните пари“,
велат од СДСМ и прашуваат кој ќе преземе одговорност за состојбата во „Електрани“.
Одговарајќи на обвинувањата на опозиционерите, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека состојбата во ЕСМ и загубите со кои акционерското друштво е соочено се наследени рецидиви од владеењето на СДСМ од 2017 година. Не постои магично стапче, велат од ВМРО-ДПМНЕ, за системското уништување на ЕСМ да се санира за година и половина, особено, како што посочуваат, по невидената девастација оставена во РЕК „Битола“.

„Со цел да си ги полнат џебовите преку сомнителни тендери за ископ на јаглен и ангажирање приватни фирми, СДС свесно ги урниса двата најголеми комбинати за производство на струја РЕК ‘Битола’ и РЕК ‘Осломеј’ во сите сегменти. Сега, крајно лицемерно, ‘откриваат топла вода’ и ја замајуваат јавноста со податоци кои се директен резултат на нивното недомаќинско работење. Да е иронијата поголема, партијата што за седум години власт не изгради ниту еден нов државен капацитет за производство на електрична енергија, денес душегрижнички се дрзнува да ги коментира предизвиците во енергетиката што токму тие ги продуцираа“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на Управниот одбор и генерален директор на ЕСМ, Лазо Узунчев, во синоќешното интервју за „360 степени“ рече дека „Електрани“ ја завршиле 2025 година со загуба од 108 милиони евра и покрај плановите годината да се заокружи на позитивна нула. Вели дека лани не е произведена струја согласно планираното.
„Во 2025 година планот беше да ја завршиме на позитивна нула затоа што количините на електрична енергија коишто планиравме да ги произведеме ќе ни овозможеа доволно достапни количини за покривање на конзумот кон универзалниот снабдувач, но и вишоци коишто ќе ни овозможеа дополнителни приходи. За жал, не произведовме доволно количество електрична енергија согласно планираното“,
рече Узунчев.
