Пратеници од двете партии нагласуваат дека всушност за 30 отсто се намалени парите предвидени за партиите за оваа и за следната година
Парите од Буџетот предвидени за политичките партии ги обединија во ставовите по СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, откако пратениците во саботата си обезбедија кворум и меѓу одлуките кои ги изгласаа беше и Законот за финансирање на политичките партии со кој се предвидува враќање на средствата што им беа „замрзнати“ за време на вонредната состојба.
И од владејачката и од опозициската партијата нагласуваат дека всушност за 30 отсто се намалени парите предвидени за партиите за оваа и за следната година.
Пратеничката од редовите на социјалдемократите, Фаница Николоска, истакна дека ако се спореди со 2019 година токму поради економската криза предизвикана од коронавирусот има намалување со 30 отсто.
„Тоа е со консензус на сите политички партии освен од една која што беше против тоа намалување предложено од другите политички партии. Секако СДСМ како одговорна политичка партија и во изминатиот период и Владата предводена од СДСМ покажа во духот на солидарноста дека е секогаш спремна и Владата да им помогне на граѓаните со предвидување финансиски средства со кој што беа опфатени граѓаните од најранливите категории со изминатите три пакети мерки, сега на ред е и четвртиот пакет мерки“,
рече Николоска.
Зборувајќи на оваа тема, таа потенцираше и дека СДСМ како политичка партија и дел од функционерите во изминатиот период донирале средства таму каде што биле најпотребни, но исто така нагласи дека доколку има потреба тие ќе донираат средства за да се помогне и во фондот кој што е отворен за обезбедување на финансиски средства за справување со коронавирусот.

Истата позиција ја зазема и Никола Мицески, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Тој потенцира дека средствата за политичките партии се намалени и оти опозициските пратеници, онака како што најавиле, учествувале при носењето на законите поврзани со ковид – кризата.
„Ние како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, рековме дека ќе учествуваме активно при донесување на законите за намалување на кризата, како здравствена така економска. Во тие решенија беше законското решение за социјално-загрозените категории, би рекол, и сите оние категории на граѓани, кои што спаѓаат во неа а не се мала бројка. Во тоа законско решение беше и исплаќањето на субвенциите на лозаропроизводителите кои ги очекуваат овие средства во однос на лошата земјоделска односно лоша година која што ја имаа. Меѓу другите, тука беше и законското решение за финансирање на политичките партии. Практично со новото законско решение го намаливmе финансирањето на политичките партии, кое што законски е уредено на 70 проценти, за оваа и наредната година или во суштина за 60 проценти намалување на финансирањето на политичките партии во наредните две години“, имајќи ја во предвид економската, здравстената криза и она што значи работа на државата во наредниот период“,
рече Мицески.