Политизирање на состојбата, ставање на кризата со вирусот во каков било друг контекст, освен здравјето на граѓаните, нема да помогне, а нападот врз Комисијата за заразни болести дополнително ѝ го отежнува работењето, вели Шахпаска од СДСМ
Ова е резултат на неспособноста на надлежните и на владејачката структура да воспостави соодветен систем за заштита на здравјето на граѓаните, нагласува д-р Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ
Наспроти владејачкиот СДСМ од каде што тврдат дека здравствениот систем е подготвен и организиран да се носи со новите заболени од коронавирусот, оценката на ВМРО-ДПМНЕ е дека здравствените власти немаат контрола над ситуацијата.
Според Јагода Шахпаска, претседателка на комисијата за здравство на СДСМ, има има суштинска разлика помеѓу првиот бран и новиот бран на ковид-19 во земјава.

„Здравствените власти точно знаат што се случува и имаат капацитет да се справат и со овој пик. Тогаш не знаевме што може да очекуваме, во која мерка може да се прошири вирусот и колку може да се оптовари здравствениот систем. Сега имаме друга состојба. Имаме знаење и ресурси да се справиме и полесно и поефикасно“,
изјави Шахпаска на денешната прес-конференција.
Таа додаде дека почитувањето на заштитните мерки останува единствениот начин со кој може да се заштитиме како поединци и како општество.
„Рестрикциите и повторно затворање се непожелни и може да ги избегнеме само со многу дисциплинирано однесување и прифаќање на новите правила на однесување. Ова се сериозни времиња, кога сите треба да се однесуваме одговорно, а не да шириме политкантство и неосновани обвинувања“,
рече Шахпаска.
Таа, исто така, посочи дека Комисијата за заразни болести е составена од стручни и квалификувани професионалци во областа, со огромна доверба од граѓаните и секој неоснован и политички напад кон неа ја попречува нејзината работа.
„Сите одлуки што досега ги донесе оваа Комисија дадоа резултат затоа што беа епидемиолошки издржани, само и единствено во интерес на заштита на колективното здравје и ставање на епидемијата под контрола. Сите одлуки или препораки на Комисијата се темелат на претходна анализа на актуелната состојба. Членовите на комисијата за заразни болести, пред сè се медицински лица, стручни медицински работници кои секојдневно го даваат својот максимум, и покрај редовната прекумерна работа што ја имаат како лекари, епидемиолози, инфектолози во борбата со ковид-19.
рече Шахпаска.
Политизирање на состојбата, ставање на кризата со вирусот, во каков било друг контекст, освен здравјето на граѓаните, нема да помогне, а нападот врз Комисијата за заразни болести и нивно етикетирање дополнително им го отежнува работењето. Тоа е неодговорно однесување на ВМРО-ДПМНЕ и треба итно да престане“,
Боро Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, посочува дека ситуацијата со коронавирусот се влошува единствено во Македонија, која, како што вели, е на врвот, ама по број на новоинфицирани во едно деноноќие и по број на починати од коронавирусот.
„Сѐ е јасно. Ова е резултат на неспособноста на надлежните и на владејачката структура да воспостави соодветен систем за заштита на здравјето на граѓаните. Заев има една цел, а тоа е да ги реализира своите интереси и интересите на тесен круг луѓе. Заев покажа, а и докажа дека здравјето на граѓаните ниту му е приоритет ниту го интересира. Тој зборува само за избори и тера кампања. Раководството на неговата партија или е инфицирано или е во самоизолација или во изолација. Но, и тоа не го интересира Заев, тој си зборува за избори“,
вели Илиевски.

Според него, владејачкиот СДСМ станува носител на ковид-19 во државава.
„Заев, наместо да ги става институциите под закрила, како што е тоа случај со Комисијата за заразни болести, треба да помисли прво на здравјето на граѓаните. Ситуацијата е алармантна. Македонија го доживува вториот пик на коронавирусот најавуван и претпоставуван за есенва. Филипче нема контрола врз ситуацијата. Мора итно да се дејствува во насока на поголема заштита на здравјето на граѓаните“,
рече Илиевски.
