Освен пратеничката од СДСМ, Лидија Тасевска, која изјави дека нејзината партија ќе се произнесе за иницијативата за референдумот на Левица откако таа ќе пристигне пред пратениците, и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кажа дека својот став за иницијативата ќе го каже кога ќе пристигне во парламентот
И владејачкиот СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ одбија да ја коментираат иницијативата за референдум која денеска партијата Левица ја поднесе до Државната изборна комисија (ДИК).
Пратеничката од редовите на СДСМ, Лидија Тасевска, одговарајќи на прашање на денешната прес-конференција, изјави дека партијата ќе почека предлогот за референдум на Левица прво да стигне до Собранието и пратениците, па дури потоа да даде мислење во врска со него.

Сепак, таа додаде дека останува неспорен фактор оти Левица заедно со ВМРО-ДПМНЕ се, како што кажа, најголемите кочничари за евроинтегративните процеси на државата.
„Овој предлог за референдум и претходниот што беше на ВМРО-ДПМНЕ тоа недвосмислено го покажуваат“,
изјави пратеничката од СДСМ, Лидија Тасевска.
Освен Тасевска, и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кажа дека својот став за иницијативата за референдум на Левица ќе го каже кога иницијативата ќе пристигне во парламентот.
„Нека дојде во парламент, па ќе коментираме“,
рече Мицкоски.
Политичката партија Левица денеска до Државната изборна комисија (ДИК) поднесе предлог за покренување граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување задолжителен дополнителен референдум на референдумско прашање: „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година“.
Околу поддршката на референдумот, Апасиев рече дека засега не разговарале со ниту една партија, меѓутоа очекува поддршка од сите антивладини, односно опозициски партии, а доколку е потребно рече дека би седнале и официјално би разговарале.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, смета дека народот мора да го има последниот збор кога станува збор за прашања од национален интерес. Апасиев не очекува дека денеска поднесената иницијатива ќе има проблеми како што беше случај со претходната на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата очекува до крајот на неделата да бидат собрани законскиот минимум на потписи, а веќе следната недела иницијативата да влезе во собраниска процедура.