Заев рече дека вредносниот граѓански концепт на „едно општество за сите“ е и продолжување на успешната коалициска соработка со партнерите ДУИ, БЕСА и ДПА на локалните избори
„Најдоброто за мојата општина“ е коалицијата со која СДСМ и уште 20 други партии заеднички ќе настапат на претстојните локални избори. Попладнево, договорот за коалицијата беше потпишан на средба во штабот на СДСМ. Дефинирани се соработки на повеќе нивоа, заеднички советнички листи и 69 градоначалници.
Како што рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, коалицијата на изборите ќе има широка кадровска понуда и принципиелна соработка во првиот и вториот изборен круг. Вака поставена, нагласи, коалицијата е гарант дека ќе продолжи напредокот на државата, развојот на регионите и општините.
„Ова е коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, фаворит, победник на изборите. Имаме знаење, волја и мотивација, план и програма за решавање на проблемите на граѓаните. Принципите зад кои заеднички застануваме се препознатливиот печат – работа во интерес на сите, на граѓаните, општините и државата за напредок и развој на секој наш град, секое село и населено место“,
рече Заев по потпишувањето на Договорот.
Според него, вредносниот граѓански концепт на „едно општество за сите“, значи продолжување на успешната коалициска соработка со партнерите ДУИ, БЕСА и ДПА на локалните избори, преку изградени критериуми за заемна поддршка на кандидатите со најдобра програма и најголема доверба кај граѓаните.

„СДСМ е прогресивна и модерна партија која своите партнерства ги гради на идеолошки заложби и програмски концепти, а не со меници и притисоци својствени за едно друго режимско време. Ме радува што нашите партнери ги делат истите вредности. Искрено вложуваме во нашата цврста определба дека сите граѓани се еднакви, без разлика на нивната етничка, верска и политичка припадност. Цврсто веруваме дека владеењето на правото, почитувањето на човековите слободи и права, економскиот прогрес, меѓуетничкиот соживот и толеранција, се столбовите на кои почива модерната македонска држава“,
рече Заев.
Коментирајќи за реализирани проекти, според Заев, досега не се инвестирале толку многу средства во општините, рамномерно, а спроведени се, рече, над 7 000 проекти.
„Наместо во барок, споменици и палми, вложуваме во училишта, градинки, патишта, здравствени установи и социјални згради. Се што значи унапредување на квалитетот на живот на граѓаните“,
рече Заев.