Македонија беше понижена, посрамотена и претставена како земја од 19 век пред целиот свет, велат од СДСМ додека од Левица му порачуваат на Ристовски дека како поранешен голман, треба да знае дека кога екипата претрпува тежок пораз, најповикан е селекторот
По контроверзите поврзани со организацијата и промоцијата на ЕМОФ 25 – Олимписките игри за млади во Северна Македонија, опозициските партии СДСМ и Левица јавно побараа политичка одговорност и повлекување на министерот за спорт, Борко Ристовски. Двете партии сметаат дека случувањата ја нарушија сликата за државата пред меѓународната јавност и ги ставија во непријатна позиција младите спортисти и спортската заедница.
„Македонија беше понижена, посрамотена и претставена како земја од 19 век пред целиот свет. Ова е срам кој Македонија досега не го доживеала во 35 години независност, а организиран од човекот кој до вчера уверуваше дека како министер за спорт ќе организира најдобра Олимпијада, Борко Ристовски“,
вели Панче Милевски од СДСМ.
Тој додаде дека младите спортисти, поради катастрофалната организација, ризикуваат да ги завршат спортските кариери уште пред да започнат.
„Најмалку што може Борко Ристовски да направи е да се сокрие, и да си поднесе неотповиклива оставка од функцијата Министер за спорт. И тоа не само поради дебаклот со младинската олимпијада, туку и поради катастрофалните резултати кои ги имаат сите Македонските спортски федерации на истата оваа Младинска Олимпијада“,
истакна Милевски на денешната прес-конференција во партиското седиште на СДСМ.
Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), којшто деновиве се одржуваше во Скопје и Куманово, наместо спортски празник и момент на гордост, се претвори во организациски хаос, понижување за нашата земја и нова епизода на бегање од одговорност, стои во соопштението на Левица.
За нив е неприфатливо министерот Ристовски, кој се сликаше до моментот на отворањето на настанот, сега активно да се обидува да се дистанцира од организацијата и да настојува да ја убеди јавноста дека неговото Министерство нема ништо со ова фијаско.
„Кога Министерството за спорт бега од одговорност за еден од најголемите спортски настани во земјата, со илјадници млади учесници и милионски буџет останува логичното прашање: За што тогаш постои ова Министерство? Како може министерот да дозволи вака срамно и непрофесионално претставување на државата на меѓународна сцена? За крахот на ЕМОФ одговорност мора да се понесе. Борко Ристовски, како поранешен голман, треба да знае дека кога екипата претрпува тежок пораз, најповикан е селекторот, без разлика на неговите намери“,
е ставот на Левица.