Повторно го повика Филипче да излезат на дуел и да зборуваат пред народот, дури и на место што ќе го избере лидерот на СДСМ
Лидерот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, на денешната прес-конференција го обвини раководството на Социјалдемократскот сојуз (СДСМ) и лидерот Венко Филипче дека се закануваат на членови и поддржувачи на неговата партија, упатувајќи им предупредувања, притисоци и повици за разговори.

„Деновиве добиваме стотици пораки од наши членови и поддржувачи. Тоа се луѓе што се повикуваат на разговори, на предупредувања на притисоци. И сето тоа под директна директива на Венко Филипче и сегашното раководство на СДСМ. Наместо визија, тие нудат страв. Наместо идеи – уцени. Наместо дебата – хајка. Но, порачувам дека овие тактики ќе ве поразат, но нема да ја поразат Македонија. Нема да успеете. ЗНАМ не се плаши. Секој обид за заплашување само ја зајакнува нашата борба и идеја“,
рече тој.
Пред една недела, како што рече, го повикал лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на ТВ-дуел, со цел да ги соочаат аргументите и да зборуваат отворено пред народот, за државата, идентитетот и иднината.
„Седум дена поминаа оттогаш. Седум дена молк. Седум дена тишина, таму каде требаше да има храброст. И тоа кажува сè. Затоа што кога ќе молчиш за вистината, молчиш и за државата. А ние, во Движењето ЗНАМ нема да молчиме. Наша должност е да зборуваме, да предупредуваме и да браниме“,
вели Димитриевски.
Повторно го повика Филипче да излезат на дуел и да зборуваат пред народот, дури и на место што ќе го избере лидерот на СДСМ.
„Затоа, Венко, повторно денеска те повикувам, излези, соочи се, зборувај пред народот. Избери медиум, избери време и место. Како помош и логистика, слободно земи го со себе и твојот ментор Зоран Заев. Дури и ако сакаш, може да се соочиме и на ‘Бихаќка’, биди опкружен и со 200 партиски активисти околу себе, од кои најголемиот дел вртат кај нас во ЗНАМ и бараат спас од вашите небулозни чекори“,
рече лидерот на ЗНАМ.
Овој пат, како што додаде, не се работи за комфор и забава, туку за „нашата држава Македонија“.
„Одважи се, покажи доблест, излези и погледни му на народот во очи“,
вели тој.
На новинарско прашање дека се води „црна кампања“ за локалните избори, Димитриевски рече дека неговата партија не учествува во такви кампањи, туку води максимално позитивна кампања и на тој начин и ќе продолжи.