СДСМ обвинува дека во Јегуновце се бркаат луѓе од работа, во Ѓорче Петров и Бутел се трупаат диви депонии, а во Штип, Кисела Вода и Аеродром не се почитува Уставот
Уште во првите денови градоначалниците на Христијан Мицкоски го покажаа режимското лице, во ВМРО-ДПМНЕ едно зборуваат друго прават, реагираат од СДСМ откако лидерот на опозициската партија на прес-конференција најави промени во однесувањето и владеењето од страна на новоизбраните градоначалници.
„Уште во првите денови од мандатот, градоначалниците на Мицкоски го покажаа своето вистинско режимско лице. Се бркаат луѓе од работа во Јегуновце, прекинати се договори за работа на лица ангажирани и во други општини. Наместо да се чистат, се трупаат дивите депонии во општините Ѓорче Петров и Бутел. Не се почитува Уставот, наместо интересот на граѓаните се тера политикантство во Штип, Кисела Вода, Аеродром. Значи едно зборуваат од ВМРО-ДПМНЕ а сосема друго прават“,
обвинуваат од СДСМ.
Од партијата велат и дека факт е оти за разлика од пред четири години кога општините биле заглавени во долгови, денес тие се во одлична финансиска состојба.
Мицкоски, пак, на прес-конференцијата рече дека градоначалниците затекнале општини кои се презадолжени и во кои биле вработувани луѓе кои примале плата, а не оделе на работа.
„Без оглед на тоа што огромен број на општините се презадолжени, повторувам презадолжени во голем дел од нив првичните информации велат и сведочат за злоупотреби на ресурсите, луѓе коишто земале плата, а не оделе на работа, потребен е максимален ангажман од секој еден градоначалник за да се реализира ветеното, а сето ова коешто претходно го кажав не смее да биде изговор за неуспех“,
рече Мицкоски.