Во соопштението се објаснува дека проектот за кој ВМРО-ДПМНЕ зборува, всушност бил за практична обука на ученици и наставници во земја членка на ЕУ, со цел стекнување вештини и поттикнување претприемачки капацитети, меѓу кои и производство на сирење

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска продолжи со обвинувањата кон ВМРО-ДПМНЕ, а кои се однесуваат на, како што велат, скандалот во Националната агенција за европски образовни програми.
„Колку ниско е спремна да падне ВМРО-ДПМНЕ во обид по секоја цена да ја одбрани в.д. директорката штитејќи ги криминалните шеми во ’Еразмус+’?“,
велат од СДСМ во денешното соопштение.
Според СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ е фатена во нова лага откако нивниот градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, јавно ја демантирал сопствената партија.
СДСМ наведува дека во ВМРО-ДПМНЕ лажно тврделе дека еден од проектите во „Еразмус+“ бил наменет за „тренирање магариња“.
Во соопштението се објаснува дека проектот за кој ВМРО-ДПМНЕ зборува, всушност, бил за практична обука на ученици и наставници во земја членка на ЕУ, со цел стекнување вештини и поттикнување претприемачки капацитети, меѓу кои и производство на сирење.
СДСМ обвинува дека со ова, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да го оттргне вниманието на јавноста од злоупотребите поврзани со распределбата на проектите.
„Извештајот на ОЛАФ, доставен до Јавното обвинителство, јасно утврдува основано сомнение за злоупотреба на над 2 милиони евра европски пари, во кои се инволвирани повеќе од 50 физички и правни лица во Македонија и уште пет земји-членки на Европската унија“,
велат од СДСМ.
Партијата додава дека постојат и сериозни сомнежи околу распределбата на над 8 милиони евра во периодот од 2014 до 2017 година, кога, како што наведуваат, актуелната в.д. директорка Ана Михајлов и нејзината кумашинка биле евалуаторки во Агенцијата. Исто така, се бара и истрага за улогата на поранешниот директор Бошко Нелкоски, кој е опишан како „ментор на актуелната в.д. директорка“.
СДСМ додава дека ВМРО-ДПМНЕ стои зад заштитата на овие милионски криминални шеми и апелира до Јавното обвинителство веднаш да постапи и да ги изведе сите одговорни пред лицето на правдата.
Од опозициската СДСМ изминатите денови изнесуваат обвинувања за проневери на милионски суми од европските фондови преку програмата „Еразмус+“, а велат и дека Владата за в.д. директорка ја назначила Ана Михајлов, која, според нивни информации, е осомничена во истрага на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ).
Од ВМРО-ДПМНЕ секојдневно излегуваат со контраобвинувања од каде велат дека СДСМ ја користеле Агенцијата за европски образовни програми како своја приватна фондација.
Валентин Манасиевски вчера потсети на, како што рече, скандалот во кој поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова и поранешниот премиер Зоран Заев доделиле два проекти на братот на пратеникот Диме Велковски во висина од над 200 илјади евра за дресура на магариња и правење сирење.
Горан Велковски, поранешен директор на СОЗШУ „Ѓорче Петров“ – Кавадарци и брат на пратеникот од претходниот состав на Собранието, Диме Велковски вчера реагираше на овие информации. Тој на Фејсбук напиша дека со проектите не се тренирале магариња, туку проектите ги добило и реализирало училиштето СОЗШУ “Ѓорче Петров”, а опфаќале обука и практична настава за 70 ученици со професори во земји членки на Европската Унија заедно со други училишта и институции.
Тој додава дека целта на проектот била учениците да се стекнат со вештини со кои ќе бидат подобро подготвени за професионалниот свет и ќе се подобри нивната вработливост по завршувањето на средното образование.