Од СДСМ обвинуваат дека не била побарана помош навреме, ниту била направена соодветна координација со НАТО-партнерите
Состојбата со пожарите низ државата е драматична и алармантна, a неофицијално ја имаме и првата жртва, соопшти вечерва опозицискиот СДСМ.
Оттаму обвинуваат дека Владата и институциите се немоќни и неспособни да одговорат на предизвикот.
„На пет локации низ Скопје граѓаните сами, со свои раце и ресурси, се борат со огнот. Криза има во Дојран, во Крива Паланка и во околината на Скопје. Граѓаните со лопатите и со голи раце ја спречуваат огнената стихија. На многу места во опасност се фабрики, куќи и имоти, а штетите кои се закануваат се огромни. Според сведоштвата од терен, институционалната поддршка или доцни или целосно изостанува, особено во Крива Паланка, во скопските села, како и во Дојран, каде помошта пристигна дури кога штетите беа веќе направени“,
изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа додаде дека Крива Паланка се наоѓа во најтешка положба, односно дека огнот веќе зафатил делови од градските населби.
„Помош од ДЗС нема ниту една општина, иако била барана повеќепати. Во Крива Паланка државата е целосно отсутна, дотолку што на сцена се појавуваат бугарски пожарникари за да ја завршат работата на македонските институции. Во Дојран, во селото Николиќ, пламените јазици се на само неколку метри од фабриката Дојран стил, а во ризик се и резервоарите со метан“,
рече Кузеска.
Таа обвини дека не била побарана помош навреме, ниту била направена соодветна коориднација со НАТО-партнерите.
„Владата, како и секогаш, наместо да преземе одговорност, се крие зад болни и морбидни обвинувања кон опозицијата и СДСМ, дури и за подметнување на пожарите. Тоа го прават само луѓе кои немаат ни грам свест за тежината на својата функција и довербата што им ја дале граѓаните. Кога се очекува лидерство и одговорност, Владата нуди само манипулации, спинови и обвинувања. Мицкоски нема контрола врз државата. А сега веќе нема ни кого да обвини“,
децидна беше Кузеска.