„Фактот што четири месеци ВМРО-ДПМНЕ се обидуваше да ја сокрие одговорноста на полицајците и полициските функционери, фактот што нивната вина беше негирана од страна на Панче Тошковски и Христијан Мицкоски укажува на тоа дека сите биле вмешани или на некој начин знаеле за нелегалното работење на ‘Пулс’ и тоа го одобрувале“, велат од опозициската партија
Опозицискиот Социјалдемокатски сојуз на Македонија (СДСМ) ја поздрави вечерашната акција на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во која се уапсени актуелни полицајци и полициски функционери во врска со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани.

Од партијата побараа и оставки од премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски затоа што, како што велат од Бихаќка, четири месеци се обидувале да ја сокријат и ја негирале одговорноста на полицајците кои биле на смена кобната вечер на 16 март кога се случи пожарот во која загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени.
„Фактот што четири месеци ВМРО-ДПМНЕ се обидуваше да ја сокрие одговорноста на полицајците и полициските функционери, фактот што нивната вина беше негирана од страна на Панче Тошковски и Христијан Мицкоски укажува на тоа дека сите биле вмешани или на некој начин знаеле за нелегалното работење на ‘Пулс’ и тоа го одобрувале. Само поради обидите да се сокрие одговорноста од страна на Тошковски и Мицкоски на лицата кои тие ги поставија за полицајци, командири и началници би требало веднаш да си поднесат оставки“,
се вели во соопштението од опозициската партија.
Одговорност, како што додаваат оттаму мора да има и за директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев.
„Тошковски и Јанев не смеат повеќе да ја попречуваат истрагата ниту да влијаат некој да не сноси одговорност“,
велат од Бихаќка.
Социјадемократскиот сојуз изминатите денови преку серија прес-конференции ја обвини власта дека ги штити вистинските виновници за трагедијата во Кочани, наведувајќи имиња на полициски функционери и полициски службеници кои на 16 март спроведувале акција во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани и кои, според партијата, со своето постапување придонеле бројот на жртвите да биде толку голем.
„Вистината за Кочани која цела недела ја објавуваше СДСМ е точна. Време е за одговорност, време е за оставки“,
велат од опозициската партија.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање дали истрагата за пожарот во Кочани треба да се прошири рече дека обвинителството има одврзани раце да прави сè што мисли дека е поврзано со пожарот во „Пулс“.
Според него, колку повеќе политички пораки се испраќаат, тоа може да се чувствува како притисок и додава дека затоа се обидува да молчи.
„Еве трпам сè, ме обвинуваат од опозицијата, нека бидат тие некрофили, на мој грб нека се сведе сè, само Обвинителството нека си ја заврши својата работа без да имаме политички пораки“,
додаде Мицкоски.
За потестување, повеќемина актуелни полициски службеници и началници од Кочани и од Штип вечерва се уапсени во врска со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани.
Според неофицијални информации станува збор за 13 полициски службеници и полициски функционери од Кочани и Штип кои биле на функција или на должност кобната вечер на 16 март, кога се случи катастрофалниот пожар.
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) протврдија дека во тек е акција под раководство на обвинител од специјализираното одделение на Обвинителството за полициски службеници, а детали најавија дека ќе соопштата во текот на утрешниот ден.